Beyza Binnur Dönmez
21 Мај 2024•Ажурирај: 22 Мај 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Агенцијата за бегалци на Обединетите нации денес соопшти дека е „екстремно загрижена“ поради „влошувањето на ситуацијата“ во украинскиот регион Харков и зголемениот број хуманитарни потреби и принудното раселување поради „новата копнена офанзива“ на руските сили, јавува Анадолу.
Портпаролката на УНХЦР, Шабија Манту, на брифингот за медиумите во Женева изјави дека „немилосрдните“ воздушни напади продолжуваат, „пролонгирајќи ја и влошувајќи ја и онака лошата ситуација“.
Таа изјави дека во воздушниот напад, чија цел била рекреативна зона во селото Черкаска Лозова во регионот Харков, минатата недела загинале шест лица, а биле повредени најмалку 27.
Таа додаде дека повеќе од 10.300 луѓе биле евакуирани од селата во пограничните области на регионот Харков од страна на украинските власти со помош на волонтери и хуманитарни организации.
Рече дека поголемиот дел од евакуираните морале да избегаат од своите домови со само неколку работи и тие веќе се многу ранливи при што меѓу нив повеќето се постари луѓе и оние со слаба подвижност или инвалидитет кои не биле во можност да побегнат порано.
„За да се примат и поддржат многу од евакуираните, беше формиран транзитен центар во градот Харков“, додаде таа.
„УНХЦР е загрижен дека условите во Харков – вториот по големина град во Украина, кој веќе е домаќин на околу 200.000 внатрешно раселени лица – би можеле да станат уште потешки доколку продолжат копнената офанзива и немилосрдните воздушни напади“, рече таа.
„Ова може да принуди многумина да го напуштат Харков заради безбедност и преживување, барајќи заштита на друго место.“
Портпаролката нагласи дека Харков бил под тревога за воздушен напад кој траел 16 часа без прекин минатата недела. Освен тоа, рече таа, нападите врз енергетската инфраструктура се особено „критични“ за Харков, каде што снабдувањето со енергија е веќе „многу под стандардниот капацитет“, што влијае на домаќинствата, производствениот капацитет и економијата.
Манту ги повика донаторите кон силно и флексибилно финансирање бидејќи одговорот на УНХЦР во Украина финансиран е со само 16 отсто од вкупно потребните 598,9 милиони долари.
Таа нагласи дека овој одговор вклучува и поддршка за зимскиот одговор „бидејќи се проценува дека сеопфатната штета на енергетските капацитети значително ќе ја зголеми потребата за хуманитарна помош за време на зимската сезона“.