Ebu Bekir Aşkın
30 Јануари 2022•Ажурирај: 31 Јануари 2022
АЛЖИР (АА)
– Ебубекир АШКИН
Градот Константин изграден е на највисоките карпи на североистокот од Алжир, а познат е по мостовите над долината Ер-Римал.
Осум мостови изградени во различни временски периоди ги спојуваат двете страни од градот, но воедно и ги маѓепсуваат туристите.
Прв од овие мостови, поради кои Константин го добил името „град на мостови“, е Баб ел-Кантара, за кој некои извори наведуваат дека е изграден во времето на Римското Царство.
Со зголемувањето на бројката на жители и нивното движење, растеше и потребата за нови мостови.
Дополнително се изградени Ѓаволскиот мост, Ер-Римал, Сиди Рачед, Мелах Слимане, Слапови, Медџез Дечиче и Салах Беј, кои на Константин му го дадоа препознатливиот изглед.
- Мостовите во Константин се потсетник на спојот на цивилизациите
Водичот Нур Шурук истакна дека Константин, градот на мостовите, маѓепсува голем број домашни и странски посетители.
Секој од мостовите има за себе својствена приказна.
„Како пример, според легендата, причина зошто Ѓаволскиот мост е наречен така, е поради врисокот на луѓето што се плашеле од силните води кои течат низ долината додека преминувале преку мостот“, рече Шурук.
Тој додаде дека Константин првенствено се викал Цирта, но подоцна го добил името по римскиот цар Константин Велики.
Токму овие мостови потсетуваат на спојот на цивилизациите во овој град.
„Првиот познат мост го изградиле Римјаните, потоа дошле Османлиите и направиле нови мостови во согласност со својата архитектура. Исто така, во време на француската колонизација, Французите изградиле мост во согласност со нивниот стил“, појаснува Шурук.
- Заоѓање на сонцето со поглед на мостовите
Студентот Ахмед Халим дошол во Константин со цел да ужива во прекрасното заоѓање на сонцето над мостовите.
Тој додаде дека Константин е еден од најстарите градови во Алжир.
„Овој град е познат по препознатливите јадења, амами, природа и многу други нешта по кои е познат во светот“, рече Халим.
Се верува дека градот на мостовите настанал со населување на првите Феничани, а во време на Берберите станал еден од важните трговски градови. Доаѓањето на Римјаните се одразило и врз изгледот на самиот град.
Последниот мост е изграден во 2014 година и именуван е Салах Беј, по едно од уважените османлиски официјални лица.