Adam Moro
11 Март 2019•Ажурирај: 12 Март 2019
АЛЖИР (АА) - Алжирскиот претседател Абделазиз Бутефлика одлучи да ги одложи претседателските избори закажани за април, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој, исто така, соопшти дека ќе ја повлече кандидатурата за петтиот претседателски мандат.
Да потсетиме, претседателот Абделазиз Бутефлика вчера попладне се врати во земјата од лечењето во Женева.
Кабинетот на Бутефлика потврди дека тој со авион пристигнал во Алжир, но не се откриени детали за неговата здравствена состојба.
Бутефлика во Алжир дочека масовни протести на кои демонстрантите и опозицијата веќе три недели бараат негово заминување од власт.
Опозицијата и илјадници демонстранти се спротивставија на кандидатурата на 82-годишниот Бутефлика на изборите во Алжир. Тој пред шест години доживеа тежок мозочен удар и ретко се појавува во јавноста.
Владејачката алжирска Национална либерална партија вчера го прекина молкот за тековните масовни антивладини протести во земјата и порача дека е подготвена за преговари.
Оваа африканска држава влезе во длабока политичка криза поради повторната кандидатура на актуелниот претседател кој е на чело на државата од 1999 година.