Berk Kutay Gökmen
12 Мај 2026•Ажурирај: 12 Мај 2026
Околу еден од четворица Американци верува дека пукањето во април на вечерата на дописниците од Белата куќа било инсценирано, покажува анкетата на „Њузгард“, јавува Анадолу.
Минатата недела, федералната голема порота во Вашингтон подигна обвинение против наводниот напаѓач, Коул Томас Ален, обвинувајќи го за четири кривични дела, вклучувајќи го и обидот за атентат врз претседателот Доналд Трамп.
Анкетата покажа дека 24 % од возрасните во САД веруваат дека инцидентот во хотелот „Вашингтон Хилтон“ бил лажен, додека 45 % го сметаат за вистински.
Останатите 32 % изјавиле дека не се сигурни. Анкетата на 1.000 возрасни Американци беше спроведена од „ЈуГов“ во периодот од 28 април до 4 мај.
„Податоците се фрапантни“, изјави Софија Рубинсон, уредничка во „Њузгард“.
Таа додаде дека тие го одразуваат растечкиот скептицизам на јавноста кон Владата и медиумите.
„Сè повеќе, луѓето од сите страни на политичкиот спектар немаат доверба ниту во оваа администрација, ниту во медиумите“, рече таа, додавајќи дека многумина се подготвени да веруваат на непроверени информации на интернет.
Белата куќа ги демантираше теориите на заговор во соопштението објавено по анкетата.
„Секој што мисли дека претседателот Трамп сам ги инсценирал обидите за атентат врз него е целосен идиот“, изјави портпаролот Дејвис Ингл, според „Вашингтон пост“.
Инцидентот во април следуваше по двата обида за атентат врз Трамп во 2024 година: едниот на собир во Батлер, Пенсилванија, а другиот во меѓународниот голф-клуб на Трамп во Вест Палм Бич, Флорида.
Анкетата исто така покажа дека 24 % од Американците веруваат дека обидот на собирот во Батлер бил инсцениран, а 29 % дека не се сигурни; додека 16 % од испитаниците изјавиле дека веруваат оти обидот за атентат во голф-клубот бил инсцениран, а 36 % дека не се сигурни.