Ikrame Imane Kouachi
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
Лидерот на израелската опозиција Гади Ајзенкот има предност од 9 процентни поени пред премиерот Бенјамин Нетанјаху во новата анкета за тоа кој е посоодветен за функцијата премиер, додека владејачкиот блок на Нетанјаху има тесна предност пред опозицијата според проекцијата на мандатите во Кнесетот, пренесува Анадолу.
Анкетата на Канал 13, спроведена во вторник во соработка со „Индекс“, „Стат-Нет“, „Сампл“ и „Аскарија“, опфати 886 испитаници, со маргина на грешка од 3,3 отсто.
Според резултатите, 45 отсто од испитаниците сметаат дека Ајзенкот, лидер на опозициската партија Јашар, е посоодветен за функцијата премиер, во споредба со 36 отсто што го избрале Нетанјаху, лидер на партијата Ликуд.
Израел треба да одржи парламентарни избори на 27 октомври, при што Нетанјаху се обидува да формира нова Влада што би ја заменила неговата сегашна коалиција, која е на власт од крајот на 2022 година.
Анкетата, исто така, покажува промена во проекцијата на распределбата на мандатите во Кнесетот во корист на блокот на Нетанјаху откако во неодамнешните анкети опозицијата главно имаше предност.
Доколку изборите се одржат денес, блокот на Нетанјаху би освоил 54 пратенички места, наспроти 52 за еврејските опозициски партии и 14 за арапските партии, покажува анкетата.
Ликуд би освоил 18 мандати, а сојузот меѓу партиите Религиозен ционизам и Зехут, предводен од Безалел Смотрич и Моше Фејглин, би освоил осум.
И Оцма Јехудит на Итамар Бен-Гвир би освоила осум мандати, а Шас и Обединетиот јудаизам на Тората би добиле по седум. Партијата Амха Јисраел би освоила шест мандати.
Од опозициските партии, пак, Јашар би освоила 22 мандата, партијата Заедно на Нафтали Бенет 12, Демократите на Јаир Голан 10, а Израел Беитену на Авигдор Либерман осум мандати.
Меѓу арапските партии, Обединетата листа би освоила осум мандати, а Раам на Мансур Абас шест.
За формирање влада е потребна поддршка од најмалку 61 пратеник. Според тоа, анкетата покажува дека ниту блокот на Нетанјаху ниту еврејската опозиција не би го достигнале потребниот праг без поддршка од арапските партии, иако опозициските лидери отфрлаат потпирање на нив за формирање влада.
Вкупно 38 листи се регистрирани за учество на изборите за Кнесетот, а анкетата предвидува дека 13 од нив би освоиле пратенички места.
Против Нетанјаху се води судски процес за обвиненија за корупција, за кои во случај на осудителна пресуда е предвидена и затворска казна. Исто така, тој е предмет на потерница за апсење издадена од Меѓународниот кривичен суд поради наводни воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со израелската воена кампања во Газа.