Ömer Aydın
23 Септември 2018•Ажурирај: 24 Септември 2018
ПАРИЗ (АА) - Според последните истражувања на јавното мислење во Франција, популарноста на претседателот на државата, Емануел Макрон, продолжува со негативниот тренд и во моментов е на скромни 29 отсто, пренесува Anadolu Agency (AA).
Институтот за истражување на јавното мислење во Франција (IFOP) спроведе ново истражување за весникот „Le Journal du Dimanche“.
Резултатите од анкетното истражување покажаа дека поддршката на испитаниците за претседателот на државата, Макрон, паднала од 35 на 29 отсто.
Така Макрон стана француски претседател со најмала поддршка на граѓаните во екот на мандатот.
Заменик-директорот на Институтот за истражување на јавното мислење, Фредерик Даби, за радио Европа 1 изјави дека падот на куповната моќ и загриженоста за животната средина се основните причини за губењето на популарноста на претседателот Макрон.
Укажувајќи на анкетните резултати од 70 отсто испитаници кои се незадоволни од работата на Макрон, Даби рече дека односот помеѓу претседателот на државата и граѓаните е сѐ попроблематичен.
Истото анкетно истражување покажа и речиси ист пад на популарноста и на францускиот премиер Едуард Филип, кого минатиот месец го поддржуваа 40, а моментално 34 отсто од испитаниците.
Поддршка на претседателот Макрон во септември минатата година му дадоа над 60 отсто од испитаниците на слична анкета.