Mehmet Yılmaz
15 Април 2018•Ажурирај: 16 Април 2018
БУДИМПЕШТА (АА) - Десетици илјади Унгарци се собраа викендов низ улиците на Будимпешта и протестираа поради постоечкиот изборен систем и реториката на омраза за време на последните парламентарни избори во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестите беа организирани под мотото „Мнозинство сме - Борба за демократија“, а до унгарските власти е упатен апел за реформи во изборниот систем и ставање крај на реториката на омраза.
Носејќи ги знамињата на Унгарија и на Европската Унија, демонстрантите извикуваа слогани против сегашната унгарска Влада и премиерот Виктор Орбан.
На протестот присуствуваа претставници на унгарската опозиција.
Коалицијата Фидес -КДНП на изборите од минатиот викенд освои 48 отсто од гласовите, со што Орбан се избори за трет последователен мандат како шеф на унгарската Влада.
Главна тема на предизборната кампања беа мигрантите и исламот, кој владејачката десница сака да го претстави како закана за унгарското национално битие.
ОБСЕ за изборите во Унгарија во изваштајот напиша дека се одржани во сенка на ксенофобична реторика и реторика на предизвикување страв во општеството.
Во извештајот уште се наведува дека изборите се одржани во услови на нетранспарентното финансирање на политички кампањи и пристрасно медиумско делување.