Zehra Ulucak
29 Ноември 2018•Ажурирај: 02 Декември 2018
ЈАНГОН (АА) - Околу 300 аракански муслимани, кои се обидоа да најдат спас во Малезија, фатени се на тој „пат на спасот“ и присилно сместени во еден од камповите на тоа подрачје, јавува Anadolu Agency (AA).
„Локалните медиуми наведуваат дека мјанмарските поморски сили кон крајот на ноември запреле брод со 93 аракански муслимани, кои се обидувале да го напуштат Ситве. Тоа е трет брод со муслимани кои се обидоа да најдат спас во некоја од соседните земји, а кој е запрен во последниот месец“, потврди полковникот Сеин Вин.
Тој рече дека меѓу 93-те лица имало 33 жени и 32 малолетници, и дека патниците на бродот платиле по 300 долари од лице за транспорт до Малезија.
Полковникот Вин додаде дека муслиманите се вратени во Аракан. Претходно овој месец запрен е уште еден брод со 60 патници. Мјанмарските сили и на 16 ноември запреа и вратија во кампови 106 аракански муслимани.
Муслиманите Рохинџа водат борба за преживување во несоодветните услови во камповите и селата во кои успеале да најдат засолниште по масакрот и прогонот што го спроведоа мјанмарските вооружени сили и будистичките милитанти во регионот на Аракан.
Од 2012 година, кога започнаа нападите врз муслиманите во Аракан, десетици илјади аракански муслимани се наоѓаат во камповите кои се нарекуваат „концентрациони логори“. Араканските муслимани во камповите живеат под тешки услови, без основни потреби за живот.
Маунг Маунг, откако во 2012 година останал без покрив над главата, со семејството преминал во кампот „Нарзи“ во Ситве.
Маунг раскажа дека поголемиот дел од неговите пријатели одамна се наоѓаат во Малезија. И самиот планирал да замине таму, меѓутоа, немал доволно пари за целото семејство.
„Не се надеваме дека во кампот ќе биде подобро. Ништо нема да се смени, треба да направиме нешто за себе“, порача Маунг.
Хабиб Рахман, еден од авторите на книгата во која се зборува за ситуацијата во Мјанмар, претходно за АА изјави дека во Аракан е спроведен „тивок“ геноцид.
Тој тврди дека во Аракан, кој се наоѓа во изолација од целиот свет, постојат 42 логора и дека на никого не му е дозволено да ги види и да дојде до нив.
Податоците на Обединетите нации (ОН) покажуваат дека од 25 август 2017 година досега, во соседен Бангладеш избегале повеќе од 700.000 луѓе. Животот го загубија околу 10.000 лица. На сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права, можно е да се види како се уништени неколку стотици села.
ОН и меѓународните организации за заштита на човековите права, насилството врз муслиманите од Аракан го нарекуваат „етничко чистење“ или „геноцид“.
Владите на Мјанмар и Бангладеш постигнаа договор за враќање на араканските муслимани во своите домови. Меѓутоа, мјанмарската Влада не го исполни ветувањето што се однесува на враќањето на араканските муслимани во Мјанмар.
Договорот предвидува, сите муслимани што сакаат да се вратат во своите домови во Аракан, мораат претходно да ги покажат документите кои потврдуваат дека претходно живееле во Мјанмар.
Со оглед на тоа што со законот од 1982 година останаа без права за државјанство и лични документи, араканските муслимани не се во можност на тој начин да ги задоволат условите на мјанмарската власт за враќање во своите домови.
Првично беше најавено дека процесот за враќање на протераните во Аракан ќе започне два месеца по потпишувањето на Меморандумот, но потоа тоа е одложено на неопределено.
Од друга страна, ниту пребеганите аракански муслимани не сакаат да се вратат од Бангладеш, сѐ додека не им биде овозможено правото на државјанство и заштита на нивните основни човекови права во Мјанмар.
Протераните аракански муслимани се сместени во кампови во бангладешкиот регион на Кокс Базар. Иако водат гола борба за преживување во камповите во кои нема услови за живот, араканските муслимани се задоволни што повеќе не се на удар на бруталната мјанмарска Војска.