İdiris Okuduci,Heman Hussein Yaseen
09 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
ЕРБИЛ (АА) - Премиерот на Регионалната курдска управа на северен Ирак, Месрур Барзани, изјави дека терористичката организација ПКК не се повлекла од подрачјето на Синџар во ирачки Мосул, и истакна дека припадниците на ПКК учествувале во антивладините демонстрации во Сулејманије, јавува Агенција Анадолија (АА).
Барзани, по состанокот на Советот на министри на Регионалната курдска управа на северен Ирак, даде изјава во врска со демонстрациите и насилните инциденти што избувнаа во Сулејманије поради доцнењето на исплатата на платите.
Истакнувајќи дека ги поддржуваат сите легални и граѓански демонстрации, Барзани рече: „Сакаме нашиот народ да има слобода на изразување. За жал, свесни сме дека народот е во лоша состојба и ние сме дел од тој народ. Секој има право да ги искаже своите барања. Но, последните неколку дена демонстрациите беа злоупотребени и претворени во насилство.“
Без да го спомене името на организацијата, Барзани сугерираше дека насилствата се предизвикани од членовите на терористичката организација ПКК.
„Меѓу демонстрантите има сириски државјани и лица дојдени однадвор. Една група се инфилтрираше на демонстрациите, го смени начинот на протестите и ги нападна партиските и јавните згради. Тоа не е начин да се бара правда и исплата на платите“, нагласи Барзани.
- „ПКК не се повлече од Синџар“ -
Откако новинарите го потсетија на Договорот за Синџар меѓу Ербил и Багдад, Барзани рече:
„Чекаме да се спроведе Договорот за Синџар, но тој сè уште не е имплементиран. ПКК и сите сили поврзани со него не се повлекоа од Синџар. Тие само неколку часа ја сменија облеката, заминаа на планините Синџар и повторно се вратија. Напротив, нивниот број се зголеми повеќе.“
Месрур Барзани истакна дека зад нападите врз политичките партии и државните институции во провинцијата Сулејманије стои планот за поделба на регионот.
Говорејќи за смртта на припадник на Пешмергите при нападот врз зградата на Демократската партија на Курдистан во областа Пенцивин, во Сулејманије, Барзани рече:
„Припадникот на Пешмергите беше застрелан со пушка. Државните и партиските институции беа окупирани под закана со оружје и запалени. Тоа не се демонстранти.“
Од 7 декември до денес, 7 лица го загубија животот, а десетици се повредени во протестите против Владата на Регионалната курдска управа на северен Ирак (IKBY) поради доцнењето на платите на државните службеници.