Amir Latif Arain
11 Септември 2025•Ажурирај: 12 Септември 2025
АНКАРА (АА) - Бројот на жртви во насилните протести во Непал се искачи на 31, додека се во тек разговорите за формирање привремена влада по насилството што ја собори Владата на премиерот КП Шарма Оли, објавија денес непалските медиуми, пренесува Анадолу.
Според Одделот за судска медицина при Универзитетската наставна болница Трибхуван, каде што телата на мртвите демонстранти се донесени на обдукција, досега се утврдени прелиминарно идентитетите на 25 жртви.
Идентитетот на преостанатите шест починати, од кои една е жена, сè уште не е познат, објави непалскиот весник на англиски јазик „Катманду пост“.
Непалските војници отворија оган утрово за да спречат бегство од затвор, убивајќи најмалку двајца затвореници и ранувајќи повеќе од десетина.
Последниот обид за бегство од затвор се случи во округот Рамечхап во покраината Багмати, кога затворениците пробија неколку внатрешни брави и се обидоа да ја скршат главната порта пред безбедносните сили да пукаат.
Во затворот има повеќе од 300 затвореници.
Полицијата соопшти дека ситуацијата е под контрола и дека ниту еден затвореник не може да избега.
Инаку, во Непал во текот на изминатите неколку дена од затвор успеаја да избегаат 15.000 затвореници.
Армијата ја презеде командата над безбедноста во земјата откако протестите на „Генерацијата З“ го принудија Оли да поднесе оставка.
Во тек се разговори за избор на раководство за привремена влада што ќе ја води малата хималајска земја до нови избори.
Младите демонстранти го избраа поранешниот главен судија Сушила Карки на онлајн анкета за кандидат за шеф на привремената влада.
Еден дел од демонстрантите го предложија името на градоначалникот на Катманду, Балендра Шах, за шеф на привремената влада.