Vakkas Doğantekin
19 Ноември 2019•Ажурирај: 20 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Речиси 70.000 лажни профили се направени на Твитер за поддршка на заминувањето на поранешниот боливиски претседател Ево Моралес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според анализата на Хулијан Масијас Товар, одговорниот за социјални мрежи на шпанската партија Подемос, лажните профили биле мобилизирани за да го легитимираат соборувањето на Ево Моралес од власт и да го оправдаат „пучот“, јавува телевизискиот канал „Телесур“ (TeleSur) со седиште во Каракас.
Со тие профили, исто така, бил зголемен бројот на следбеници на главните актери во процесот на отстранување, како претседателот на десничарскиот граѓански комитет „Про Санта Круз“, Луис Фернандо Камачо, и сенаторката Жанин Анес, самопрогласената привремена претседателка на земјата.
„Анализирајќи ги коментарите на Твитер за пучот во Боливија, промовирани од @LuisFerCamachoV, можам да потврдам дека тој се наоѓа и зад измамничкиот пуч во мрежите преку создавање на над 60.000 лажни профили со цел влијание и ширење лажни вести“, изјави Товар.
Тој нагласи дека бројот на следбеници на профилот од Камачо на Твитер се зголемил на 130.000 од 2.000 во период од две недели, од кои 50.000 од нив биле направени во ноември.
Исто така и бројот на следбеници на профилот од самопрогласената привремена претседателка на земјата Жанет Анес се зголемил од 8.000 следбеници на 150.000, од кои 40.000 биле направени неодамна.
По неговата анализа, Товар рече дека иима над 68.000 различни лажни профили, кои не биле откриени од Твитер.
Правилата на Твитер забрануваат употреба на роботи за зголемување на пораките.
На 20 октомври во Боливија се одржаа претседателски избори. Опозицијата тврдеше дека на изборите е направена измама. Двете страни ги повикуваа своите поддржувачи да излезат на улиците.
Додека опозицијата повикуваше на поништување на изборите, Моралес најави нови избори, но поддржувачите на опозицијата најавија продолжување на протестите сѐ додека не се распишат избори без учество на Моралес.
Моралес поднесе оставка откако боливискиот началник на Генералштабот, Вилијамс Калиман, повика на оставка и замина во Мексико. Моралес го опиша процесот како „пуч“.
Жанин Анес, заменик-претседателката на Собранието на сенатори (Горниот дом на АЛП), беше избрана за привремена претседателка на земјата на седница на која немаше потребно мнозинство, бидејќи членовите на партијата Социјалистичко движење (MAS), предводена од Моралес, не присуствуваа на седницата.