Ekipa
18 Април 2016•Ажурирај: 18 Април 2016
САНТИЈАГО (АА) - Долниот дом на бразилскиот парламент со потребното двотретинско мнозинство го поддржа отповикувањето на претседателката Дилма Русеф, а таа одлука ќе ја разгледа Сенатот, јавува Anadolu Agency (AA).
За отповикување на претседателката гласаа 367 пратеника, 137 беа против, седум пратеници беа воздржани, а двајца не се појавија на гласањето.
За усвојување на предлогот, потребни беа 342 гласа од вкупно 513 пратеници колку што брои Долниот дом на парламентот.
Конечната одлука треба да ја донесе Сенатот кој ќе оформи посебен комитет за разгледување на прифатливоста на случајот на Русеф. Доколку сенаторите не ги прифатат аргументите на иницијаторите на отповикувањето, Русеф ќе се врати на должност.
Меѓутоа, доколку идентична одлука донесе и Сенатот, Русеф би била суспендирана на 180 дена додека трае судењето, а земјата до истекот на нејзиниот мандат во 2018 година би ја водел потпретседателот Мишел Темер, кој исто така е под истрага.
Бразилската претседателка се товари за кршење на фискалните прописи со цел да ги прикрие проблемите во буџетот во пресрет на изборите во 2014 година.
Откако опозицијата обезбеди двотретинско мнозинство гласови потребни за усвојување на предлогот за отповикување на Русеф, во Сао Паоло и Рио де Жанеиро е приредена голема прослава.