Faruk Zorlu
02 Октомври 2022•Ажурирај: 06 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Новиот министер за внатрешни работи на Велика Британија се пожали на „преголем број нискоквалификувани работници мигранти и на многу голем број странски студенти со лица за издржување“ кои доаѓаат во Велика Британија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Велика Британија има „премногу нискоквалификувани работници мигранти и многу голем број студенти кои доаѓаат во оваа земја со навистина голем број придружни лица за издржување“, рече Суела Брејверман во интервју за весникот „Сан“, пред почетокот на годишната конференција на владејачката Конзервативна партија.
Критикувајќи го нивниот недостиг на придонес кон растот на економијата во Велика Британија, таа рече: „Тие луѓе доаѓаат овде, некои од нив не работат или работат на работни места со ниска квалификуваност.“
Брејверман рече дека сака да ја ограничи можноста на мигрантите да ја оспоруваат депортацијата врз основа на тоа дека биле подложени на трговија со луѓе или принудна работа, кои во Велика Британија влегуваат во категоријата „модерно ропство“.
„Исто така, Владата на премиерката Лиз Трас сака да го одржи своето изборно ветување од 2019 година за намалување на нето-миграцијата“, рече Брејверман.
Таа нагласи дека намалувањето на миграцијата е политика за која се согласиле сите високи министри на Трас.
И двајцата родители на Брејверман се со индиско потекло и емигрирале во Британија во 1960-тите години од Кенија и Маврициус.