Ahmet Gürhan Kartal
07 Јануари 2022•Ажурирај: 09 Јануари 2022
ЛОНДОН
Најмалку 200 лица од воениот персонал се ангажирани во лондонските болници поради недостиг на медицински персонал, предизвикан од ширењето на варијантата на коронавирусот, Омикрон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана на Велика Британија соопшти дека во лондонските болници се ангажирани 40 воени лекари и 160 војници без медицинска обука, кои ќе им помагаат на пациентите, ќе ги одржуваат залихите и ќе извршуваат основни проверки.
Илјадници лица на медицински персонал во болниците во Лондон се привремено отсутни од работа поради позитивните резултати од тестовите за коронавирусот.
„Мажите и жените во нашите вооружени сили повторно се здружуваат за да ги поддржат своите колеги во националниот здравствен систем и ќе работат заедно за да ја заштитат нацијата од Ковид-19“, рече британскиот министер за одбрана, Бен Валас.
Во Велика Британија вчера беа потврдени 179.756 нови случаи на заразување со коронавирусот. Минатата недела, бројот на заразени надмина 1,27 милиони, што е пораст од 29 отсто во однос на претходната недела.