ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер, Борис Џонсон, нареди формална истрага за наводите на пратеничката од Конзервативната партија и поранешна министерка Нусрат Гани, која рече дека била разрешена од министерската функција поради нејзината исламска вероисповед, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Премиерот побара од Кабинетот да спроведе истрага за наводите на пратеничката Нусрат Гани“, се вели во соопштението од „Даунинг стрит“ утринава.
„Во времето кога првпат пратеничката ги изнесе овие наводи, премиерот ѝ препорача да поднесе формална жалба до CCHQ [Конзервативната централна канцеларија]. Таа не ја прифати оваа понуда“, се вели во изјавата на портпаролот.
„Премиерот сега побара од официјалните лица да ги утврдат фактите за тоа што се случило. Според неговите претходни изјави, премиерот ги сфаќа овие тврдења многу сериозно.“
По изјавата, Гани напиша на Твитер дека ја поздравува одлуката и рече дека истрагата мора да го вклучи сето она што било кажано во „Даунинг стрит“.
„Како што му кажав на премиерот синоќа, сè што сакам е ова да се сфати сериозно и тој да го истражи тоа. Ја поздравувам неговата одлука да го стори тоа сега“, рече таа.
- Тврдења -
Гани во саботата изјави дека била отпуштена од министерската позиција поради нејзината исламска вероисповед.
Гани го изнесе ова обвинение во специјално интервју за „Сандеј тајмс“.
49-годишната пратеничка беше разрешена од функцијата министерка за транспорт во февруари 2020 година, по оставката на Саџид Џавид како канцелар на државната каса.
Таа тврдеше дека од страна на пратеник на политичката партија ѝ било кажано дека нејзината исламска вероисповед била подигната како прашање на состанокот во „Даунинг стрит“ и дека нејзиниот статус на министерка како жена муслиманка прави нејзините колеги да се чувствуваат непријатно.
Таа, исто така, рече дека ѝ било кажано дека постои загриженост дека не била лојална на партијата, бидејќи не сторила доволно за да ја одбрани партијата од обвинувањата за исламофобија.
Гани рече дека потоа се чувствувала понижено и немоќно.
„Кога се запрашав дали ова е на каков било начин прифатливо и кога ставив јасно до знаење дека не можам ништо да сторам во врска со мојот идентитет, морав да слушам монолог за тоа колку е тешко да се дефинира кога луѓето се расисти, дека партијата нема проблем и дека требаше да направам повеќе за да го одбранам тоа.“
„Беше многу јасно дека пратениците и Бр.10 [Даунинг стрит] бараа докажување поголема лојалност од мене за разлика од останатите поради мојата вера и потекло“, изјави таа.
Гани, која е заменик-претседателка на Комитетот на конзервативци, рече дека молчела за ова прашање бидејќи била предупредена дека ќе биде изолирана и избегнувана од колегите, а нејзината кариера и углед уништени.
„Нема да се преправам дека тоа не ја разниша мојата верба во партијата“, рече таа.
- Исламофобија -
Распространетите наводи за исламофобија во Конзервативната партија беше прашање подигнато од многу муслимански организации, вклучително и од Муслиманскиот совет на Велика Британија (MCB).
Муслиманскиот совет на Велика Британија постојано го обвинуваше раководството на партијата за „негирање, отстранување и отстапување“ откако партијата објави дека ќе спроведе поширока истрага за „сите видови предрасуди“, отстапувајќи од претходното ветување за независна истрага за ова прашање.
Советот во 2019 година соопшти дека исламофобијата во Конзервативната партија е ендемична.
Најголемата група која ги претставува муслиманите во Британија исто така соопшти дека „недостатокот на транспарентност и обидот да се прикрие проблемот само ја зголемува недовербата во партијата“.
Џонсон се соочи со повици да се извини, откако во текст во 2018 година, пред да ја преземе партијата како нејзин лидер, рече дека муслиманките кои носат бурки изгледаат како „кутии за писма“ и ги спореди со „ограбувачи на банки“.
Истрагата од 2020 година на Сваран Синг, поранешен комесар за еднаквост и човекови права, не најде докази за „институционална исламофобија“ во Конзервативната партија, но ги критикуваше ториевците, вклучително и Џонсон.
news_share_descriptionsubscription_contact
