Zuhal Demirci
15 Декември 2021•Ажурирај: 16 Декември 2021
ЛОНДОН (АА) - Комитетот за итни случаи (Disaster Emergency Committee DEC), кровна организација која опфаќа 15 хуманитарни организации во Велика Британија, објави дека децата во Авганистан гладуваат и дека осум милиони лица се на работ на гладот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Помогнете им на тие семејства да ја преживеат зимата“, апелираа од ДЕЦ.
Кровната организација, која опфаќа 15 британски хуманитарни организации во земјата, вклучително и „Оксфам“, „Кристиан еид“, „Исламик рилиф“ и британскиот Црвен крст, предупредува дека авганистанскиот народ се соочува со гладот како голем проблем и дека кризата дополнително ќе се влоши во наредните недели.
Напоменувајќи дека децата во Авганистан гладуваат и дека милион деца оваа зима се во опасност да починат од неухранетост, ДЕЦ бара итна акција за да им се помогне на оние на кои им е потребна помош.
„Семејствата во Авганистан не можат на себе да си обезбедат храна, а децата умираат. Здравствените служби некако се борат да ги излекуваат неухранетите мајки и деца поради недостиг на лекови и други залихи“, соопштено е од ДЕЦ.
Според извештајот на Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за координација на хуманитарни работи, Авганистан е помеѓу првите пет земји на кои им е потребна хуманитарна помош.
По доаѓањето на талибанците на власт одложена е меѓународната помош кон Авганистан.
ДЕЦ е кровна група на британски добротворни организации која иницира и ги координира колективните апели за собирање средства за пружање помош на луѓето зафатени со катастрофи и хуманитарни кризи низ светот.