Amir Latif Arain
29 Јули 2026•Ажурирано: 29 Јули 2026
Бројот на загинати во силниот земјотрес што ја погоди југозападната јапонска префектура Кумамото се искачи на најмалку 13, десетици се повредени, а седум лица сѐ уште се исчезнати, изјави рано утринава премиерката Санае Такаичи, повикувајќи се на државниот радиодифузер НХК, пренесува Анадолу.
Земјотресот со магнитуда од 7,1 степен предизвика големи материјални штети, меѓу кои пожари во домови, урната инфраструктура и разурнати објекти, а околу 48.000 домаќинства останаа без струја.
Официјалните лица соопштија дека 33 лица се повредени.
Земјотресот достигна максимални 7 степени според јапонската сеизмичка скала, што претставува највисоко ниво. Ова е прв ваков интензитет по земјотресот на полуостровот Ното, кој ја погоди земјата во 2024 година.
Фабриката за хартија во градот Јацуширо е меѓу најтешко погодените локации. Надлежните соопштија дека 11 работници останале заглавени по земјотресот. Четири лица се спасени, меѓу кои две се пронајдени во состојба на срцев застој и две со сериозни повреди.
Операцијата за пребарување и спасување продолжува по другите работници.
Според Американскиот геолошки завод (USGS), магнетудата на земјотресот првично е измерена на 7,1 степен, но подоцна е намалена на 6,8.
Според УСГС, земјотресот удрил на длабочина од 10 километри во 16:27 часот по локално време, на околу 5 километри источно од Уто во префектурата Кумамото.
Земјотрес со магнитуда од 5,6 степени се случи во 17:08 часот по локално време, со епицентар на 16 километри, североисточно од Цунаги во Кумамото, соопшти УСГС.
Линијата на брзите возови „Кјушу Шинкансен“ ќе биде запрена и денес, а се очекува трамвајските услуги во градот Кумамото да продолжат со намалени брзини.
Бирото за транспорт на градот Кумамото предупреди дека услугите може повторно да бидат суспендирани доколку се случи друг силен земјотрес.
Властите ги повикаа жителите да останат во состојба на зголемена подготвеност за нова сеизмичка активност.
Јапонија, една од земјите најподложни на земјотреси во светот, е лоцирана по должината на пацифичкиот Огнен прстен и во неа се случуваат околу 20% од земјотресите во светот со магнитуда од 6,0 или поголема.