Şeyma Erkul Dayanç
23 Септември 2026•Ажурирано: 23 Септември 2026
Бројот на раѓања е повеќе од преполовен во шест региони во континенталниот дел на Грција во периодот од 2009 до 2024 година, покажува демографската студија што денес ја објави грчкиот весник „То Вима“, пренесува Анадолу.
На национално ниво, бројот на раѓања опаднал за околу 42 отсто, од приближно 117.440 во 2009 година на 68.310 во 2024 година.
Шесте региони во кои бројот на раѓања е повеќе од преполовен се Теспротија, Гревена, Фтиотида, Кожани, Евританија и Флорина.
Студијата, спроведена од демографот Бајрон Коцаманис од Институтот за демографски истражувања и студии, исто така, го следи трендот на опаѓање на наталитетот во текот на повеќе од четири децении.
Годишниот број на раѓања опаднал од просечни околу 148.000 во периодот 1979–1980 година на приближно 67.000 во 2024–2025 година, додека просечната возраст на жените при раѓање се зголемила од 26,2 на 32,2 години.
Бројот на раѓања опаѓа уште од доцните седимдесетти години, со исклучок на умерениот пораст забележан помеѓу 2003 и 2009 година. Овој пораст студијата, главно, го поврзува со имиграцијата по 1990 година.
Исто така, утврдено е дека жените раѓаат помалку деца низ последователните генерации.
Жените родени во доцните педесетти години имале просечно по две деца, за разлика од оние родени околу 1985 година, кои имале помалку од 1,5 деца.
Вкупната стапка на фертилитет опаднала од 2,2 деца по жена во периодот 1979–1980 година на 1,24 во 2024–2025 година.
Опаѓањето на бројот на раѓања е помалку изразено на некои острови. Шест островски регионални единици забележале пад помал од 30 отсто во периодот од 2009 до 2024 година, при што падот бил под 15 отсто на Киклади и на островот Закинтос.
Во студијата, исто така, се укажува на големи разлики во односот меѓу бројот на раѓања и смртни случаи.
Само пет од вкупно 74 регионални единици во Грција забележале повеќе раѓања отколку смртни случаи во 2024 година: Тира, Миконос, Кос, Наксос и Ретимно. За разлика од тоа, во Серес, Евританија и Гревена се регистрирани најмалку 3,5 смртни случаи на секое раѓање.