09 Јуни 2019•Ажурирај: 11 Јуни 2019
ФУКУОКА
Францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мари, изјави дека приоритет на француската Влада како акционер во автомобилската индустрија „Рено“ (Renault SA) е да го зацврсти сојузот со „Нисан“ (Nissan), пренесува Anadolu Agency.
Ле Мари, по состанокот во Јапонија на Г20 на најразвиените економии во светот, на претставниците на медиумите им изјави дека негова главна грижа се заштитата на работните места, фабриките и технологијата на „Рено“. Тој нагласи дека консолидацијата со другите производители на автомобили, како што е „Фијат Крајслер“ (Fiat-Chrysler) е секундарно прашање, но дека одлуката за тоа треба да ја донесат самите компании.
На прашањето на новинарите, Ле Мари одговори дека не планира средба со директорот на „Нисан“, Хирото Саикава.
Минатата недела „Фијат Крајслер“ неочекувано ја повлече понудата за соединување со „Рено“, откако францускиот производител на автомобили побара повеќе време да го убеди „Нисан“ да се согласи со планот.