Zehra Ulucak
02 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
АНКАРА
На 31 март селата во подрачјата Бара и Парса во јужниот дел на Непал беа зафатени од бура проследена со обилни врнежи на дожд во која досега животот го загубија 35 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинската агенција АНИ (ANI) објави вест врз основа на исказот што го дадоа претставниците на локалната власт. Во веста се наведува дека поројните дождови и бурата во селата сместени во подрачјата на Бара и Парса досега одзеле 35 животи, а дека стотици се повредени.
Локалната власт објави дека ќе им помогне на семејствата на настраданите во катастрофата и дека повредените бесплатно ќе можат да се лекуваат.
Силната бура направи сериозни оштетувања на голем број куќи во регионот или ги сруши, преврте возила, кутна дрвја и телефонски и струјни столбови. Власта соопшти дека на локалното население му е потребна итна помош.
Полицијата информираше дека поголемиот број смртни случаи се последица на урнати ѕидови од бурата, цигли паднати од куќите, кутнати стебла и електрични столбови.
Премиерот Кхадга Прасад Оли вчера замина на местото зафатено од катастрофата за да ги надгледува спасувачките операции.
Националниот оперативен центар за итни случаи вчера информираше дека во бурата се повредени 612 лица, додавајќи дека се испратени спасувачки и хуманитарни екипи во подрачјата зафатени од катастрофата.