Tayfun Salcı
07 Август 2017•Ажурирај: 08 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - Документарниот филм за принцезата Дијана, поранешната сопруга на принцот Чарлс од Велс, снимен во периодот од 1992 до 1993 година може да се види на британската телевизија „ Channel 4“.
Филмот „Дијана: Со свои зборови“ (Diana: In Her Own Word) содржи изјави на принцезата од својот брак и животот сѐ до сообраќајната несреќа во Париз 1997 година, во којашто го загуби животот. Несреќата се случи една година по разводот од принцот Чарлс.
На снимките е прикажана Дијана како вели дека на кралицата Елизабета II ѝ зборувала дека нејзиниот сопруг Чарлс ја изневерува и плаче поради тоа.
Таа изјавува дека кралицата ѝ рекла дека „не знае што треба да направи Дијана, и дека Чарлс е безнадежен случај“, што на принцезата ѝ предизвикало траума.
За неа траума претставувал и одговорот на принцот Чарлс на новинарското прашање додека беа верени, во врска со тоа дали се вљубени. Дијана на прашањето одговори дека се вљубени, но Чарлс рече „што и да значи да се биде заљубен“.
Во вториот дел од документарниот филм, Дијана раскажува за забранетата љубов со полициски службеник кој се грижел за нејзината безбедност. Принцезата кажува дека таа врска предизвикала љубомора во кралското семејство и дека тој загинал во несреќа откако е разрешен од должност, поради што го изгубила нејзиниот најдобар пријател.
Службеникот за кој зборуваше Дијана, а чие име не се откриваше, е Бери Меннаки кој е ослободен од должноста во 1986 година, а загинал во сообраќајна несреќа осум месеци подоцна, во мај 1987 година.
Снимките, на кои се противи кралското семејство и поблиската околина на Дијана, ќе бидат прикажувани сѐ до 31 август, денот на кој се одбележува годишнината од нејзината смрт.
Се наведува дека изјавите се снимани за време на паузите на часовите по ораторство на Дијана. Снимките траат вкупно 50 часа, а запленети се за време на полициската акција во куќата на Пол Барел, батлерот на Дијана, во 2001 година.
Питер Сетелен ги водел часовите по ораторство и снимал, поради што беше покрената судска постапка со цел да ги добие назад тие ленти. Кога успеа да дојде до нив, ги продаде на американскиот телевизиски канал NBC (Ен-би-си).
Дел од снимките каналот ги објави во 2004 година.
Принцот Чарлс неколку години по смртта на Дијана, се ожени со Камила Паркер Боулс.