Dildar Baykan
25 Април 2017•Ажурирај: 26 Април 2017
АНКАРА (АА) - На демонстрациите кои траат веќе четвртата недела во Каракас но и во други градови во Венецуела загинаа 23 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Илјадници луѓе со недели учествуваат во демонстрациите против владата предводена од претседателот Николас Мадуро.
Народниот правобранител Тарек Сааб потврди дека поради протестите во градовите Мерида и Баринас, загинаа уште две лица, со што бројот се зголеми на 23.
Сааб изјави дека голем број повредени се наоѓаат во тешка здравствена состојба.
Лидерот на опозицијата Енрике Каприлес на социјалната мрежа тврди дека паравоените групи се одговорни за овие смртни случаи.
Стотици луѓе учествуваа вчера во протести при што беа затворени голем број на улици во Каракас.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро вчера ја повика опозицијата на повторни преговори во пресрет на масовните протести кои вчера се случија во Венецуела.
Мадуро се обрати на една од локалните телевизии, ја прифати и ја одобри идејата за предвремени локални избори, но не ги спомна претседателските избори, а тоа е токму она што го сака опозицијата.
Протестите беа организирани против одлуката да не се дозволи лидерот Енрике Каприлес да се кандидира на претседателските избори во следните 15 години.
Во судирите меѓу демонстрантите и безбедносните сили загинаа 23 луѓе. Полицијата против некои демонстранти употреби солзавец и гумени куршуми.
Каприлес се кандидираше на изборите во 2012 и 2013 година, но изгуби. Врховниот суд во Венецуела, со одлуката донесена на крајот од март ја презеде власта на Конгресот во врска со наводите дека не ја почитуваат претходната одлука на судот.
Опозицијата обвини дека одлуката на Венецуела води кон диктатура и пат кој нема враќање, по што следуваа демонстрации во главниот град Каракас.
Судот во почетокот на април ја повлече одлуката, а луѓето и покрај тоа ги продолжија протестите.