Alma Çekovic
21 Јуни 2017•Ажурирај: 22 Јуни 2017
КАТМАНДУ (АА) - Владата во Непал повторно ја мери висината на највисокиот планински врв во светот, Монт Еверест, за да утврди дали на неговата висина влијаел силниот земјотрес од 2015 година или глобалното затоплување, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кога првпат беше измерена висината на Еверест во 1856 година, таа изнесуваше 8.840 метри над нивото на морето. Еден век подоцна, во 1955 година, новите мерења покажаа дека висината на овој планински врв изнесува 8.848 метри, а во врска со тоа, по долгогодишни несогласувања, Кина и Непал се усогласија во 2010 година.
Откако повеќе научни истражувања покажаа дека можеби дошло до промени во висината на Еверест, непалската Влада започна мисија за повторно мерење на висината на врвот.
Ганеш Прасад Бата, директор на Непалскиот истражувачки оддел, за „CNN“ (Си-ен-ен) изјави дека неговото биро ја планира оваа мисија уште од 2010 година, но таа никогаш не била реализирана.
Сомнежите на меѓународната научна заедница дека земјотресот со јачина од 7,8 степени по Рихтер во 2015 година влијаел на висината на познатиот планински врв, ги поттикна властите конечно да го започнат проектот, кој непалската Влада би можел да ја чини околу 1,5 милиони долари.
Група техничари веќе ги започнаа подготовките во непалското подрачје Удајапур, кое се наоѓа 1.500 метри надморска височина.
Непалското геодетско биро соопшти дека реализацијата на проектот треба да започне кон средината на јули.
Бата изрази надеж дека до август би можел да собере група од 50 луѓе, во којашто ќе биде вклучен и тим од експерти кои работеле на мерењето на другите планини во светот.
Резултатите од мерењето кои ќе понудат информации за ефектите на климатските промени на Еверест, ќе бидат познати за две години, најавија непалските власти.
Планината е дел од планинскиот венец на Хималаите во Азија, и е лоцирана помеѓу зоната Сагармат во Непал, и автономниот регион Тибет во Кина. Иако мерењата можат да се извршат самостојно, непалската Влада планира да ги повика и кинеските експерти да учествуваат во проектот.