Şerife Çetin
26 Февруари 2020•Ажурирај: 28 Февруари 2020
БРИСЕЛ (АА) - Европскиот уред за поддршка на азил (EASO) соопшти дека бројот на барањата за азил во земјите на ЕУ во 2019 година е поголем за 13 отсто во однос на една година претходно, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот на Европскиот уред за поддршка на азил (EASO) се објавени информации за приливот на азилантите и за бројот на барања за азил во земјите членки.
Се наведува дека бројот на лица што во 2019 година поднеле барање за азил е поголем за 13 отсто во однос на 2018 година и дека тоа воедно е и прв пат да дошло до зголемување на годишното ниво од 2015 година, кога изби мигрантската криза.
Барање за азил во земјите на ЕУ во 2018 година поднеле 664.480 лица, додека во 2019 година тој број е зголемен на 714.200.
Најмногу барања поднеле државјаните на Сирија (72.254), Авганистан (59.706) и на Венецуела (45.166).
Најголем број барања за азил е одобрен на луѓето од Сирија, Јемен и Еритреја.
Европските земји позитивно одговорија на околу 33 отсто од вкупниот број на барања за азил.
Околу три отсто од пристигнатите барања се однесуваат на деца без придружба.