Ahmed Asmar
31 Март 2025•Ажурирај: 31 Март 2025
АНКАРА (АА) – Израелската армија денес, на вториот ден од Бајрам, изврши воздушни напади врз Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, при што се убиени уште 22 Палестинци, јавува Анадолу.
Според дописникот на Анадолу, двајца Палестинци биле убиени во напад на израелско беспилотно летало врз група луѓе во Џабалија, северниот дел на Појасот Газа.
Во централниот дел на Појасот Газа, медицински извор за Анадолу изјави дека петмина Палестинци биле убиени во два одделни израелски воздушни напади, еден во градот Деир ал-Балах, а другиот во западното подрачје на бегалскиот камп Нусејрат.
Исто така, во централна Газа, израелско беспилотно летало погоди и уби тројца земјоделци во источниот дел на бегалскиот камп Ал-Магази, според очевидци.
Во еден од нападите на израелски воени авиони е погоден дом, при што се убиени шестмина Палестинци, а неколкумина се повредени во Кан Јунис, јужниот дел на Појасот Газа, соопштија медицински извори.
Уште две лица се убиени, а други се повредени во израелски воздушен напад врз дом на семејството Наџар во градот Абасан, источно од Кан Јунис.
Во друг воздушен напад, исто така, е погоден дом во бегалскиот камп во Кан Јунис, при што се убиени четири лица.
Во уште еден напад е погоден дом, но засега нема информации за жртви.
На првиот ден од Бајрам, во израелските напади низ Газа се убиени 64 Палестинци.
Израелската војска започна нов бран воздушни напади врз Газа на 18 март, убивајќи повеќе од 920 Палестинци, и ранувајќи над 2.000, со што го прекрши договорот за прекин на огнот и размена на заробеници.
Речиси 50.200 Палестинци се убиени, главно жени и деца, а повеќе од 114.000 се ранети во бруталната израелска воена офанзива врз Газа од октомври 2023 година.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.