Betül Yılmaz
05 Јули 2025•Ажурирај: 05 Јули 2025
ГАЗА/ИСТАНБУЛ (АА) – Најмалку 38 Палестинци се убиени, а десетици се повредени во израелските напади во Појасот Газа денес, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.
Седум лица се убиени, а многумина повредени во израелскиот напад врз училиште претворено во засолниште во населбата Зејтун во градот Газа, изјавија медицински извори за Анадолу.
Три лица, меѓу кои една жена, ги загубија животите во други израелски напади во градот Газа и Џабалија ал-Балад во северна Газа.
Во израелските напади убиени се уште три лица, меѓу кои две деца, а многумина се повредени во друго училиште каде што се сместени раселени Палестинци во населбата Шеик Ридван во градот Газа.
Две лица ги загубија животите откако израелската армија изврши напади во близина на џамија во населбата Шеџаја во градот Газа.
Медицински извори изјавија дека две лица се убиени, а неколкумина се повредени во израелски напад со дрон врз станбена зграда во бегалскиот камп ал-Бурејџ во централна Газа.
Во израелските напади погоден е дом во бегалскиот камп Магази, во централниот дел на Појасот Газа, при што убиени се двајца Палестинци, изјавија медицински извори.
Според медицинските извори, палестински лекар и неговите четири сина се убиени во израелски напад со дрон врз шатор на раселени лица во Ал-Маваси во западниот дел на Кан Јунис, јужна Газа.
Во истото подрачје, во израелски напад врз шатор убиени се еден Палестинец и неговиот единствен син.
Една жена е убиена кога израелската армија отвори оган врз шаторите на раселените цивили во западниот дел на Кан Јунис.
Уште единаесет лица, меѓу кои три деца, се убиени, а повеќемина се повредени од израелски армиски оган врз група цивили кои чекаа помош во близина на пункт за дистрибуција на хуманитарна помош во Рафа, во јужна Газа.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува геноцидна војна во Газа, убивајќи над 57.300 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, од октомври 2023 година.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.