Ahmed Asmar
28 Февруари 2024•Ажурирај: 29 Февруари 2024
АНКАРА (АА) - Бројот на Палестинци загинати во тековната израелска офанзива во Појасот Газа од 7 октомври се искачи на 29.954, соопшти денес Министерството за здравство во опколената палестинска енклава, јавува Анадолу.
Израелските напади врз Газа влегоа во својот 145-ти ден.
Министерството објави и дека во нападите досега повредени се 70.325 Палестинци.
Се наведува дека израелската војска во изминатите 24 часа извршила 8 масакри низ Појасот Газа, во кои загинале 76 лица, а 110 се повредени.
„Многу луѓе сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, објави Министерството.
Израел започна смртоносна офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во октомври, во кој се верува дека загинале речиси 1.200 Израелци.
Околу 85 отсто од жителите на Газа се раселени поради израелската офанзива, додека сите се соочуваат со недостиг на храна, според ОН. Стотици илјади луѓе живеат без засолниште, а помалку од половина од камионите со хуманитарна помош влегуваат на територијата отколку пред почетокот на конфликтот.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремената одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејствија и да преземе мерки за гарантирање на доставувањето на хуманитарната помош за цивилите во Газа.