Murat Başoğlu
03 Ноември 2023•Ажурирај: 04 Ноември 2023
ГАЗА (АА) - Бројот на загинати Палестинци во израелската воена офанзива во Појасот Газа се искачи на 9.227, соопшти денес Министерството за здравство во Газа, јавува Анадолу.
„Од загинатите 3.826 се деца, 2.405 жени, додека 23.516 лица се повредени“, изјави портпаролот на Министерството Ашраф ал-Кудра на прес-конференција во градот Газа.
Тој рече дека 2.100 лица сè уште се наоѓаат под урнатините во Газа, меѓу кои 1.200 деца.
„Во израелските напади загинаа 136 медицински лица, а уништени се 25 амбулантни возила“, рече Ал Кудра.
„Во изминатите часови документирани се 16 масакри, со 196 жртви, со што вкупниот број на масакри извршени од окупацијата се искачи на 997“, соопшти тој.
Портпаролот изјави дека израелските сили од 7 октомври извеле напади на над 102 здравствени установи во Газа, иако според правилата за војување, таквите установи треба да бидат изземени од напади.
„Околу 16 болници и 32 центри за примарна здравствена заштита не функционираат поради израелските напади и недостигот на гориво“, додаде тој.
Оваа недела израелската војска ги прошири своите воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, кој е под немилосрдни бомбардирања по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Покрај големиот број жртви и масовното раселување на луѓето, основните резерви се при крај за 2,3 милиони жители во Газа поради израелската опсада.