Ahmed Asmar
24 Октомври 2024•Ажурирај: 25 Октомври 2024
ГАЗА (АА) - Палестинското Министерство за здравство денес соопшти дека неколку вработени се повредени во израелското артилериско гранатирање на централниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Артилериска граната падна во близина на возило во кое се превезуваа вработени на Министерството во близина на градот Ал Завејда, при што беа повредени голем број вработени“, се додава во соопштението на Министерството.
Вработен во Министерството, кој сакаше да остане анонимен, рече дека шрапнелите од граната го погодиле возилото и повредиле неколку вработени.
Израелската Армија ја продолжи разорната офанзива на Појасот Газа по нападот на Хамас минатата година, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.
Повеќе од 42.800 луѓе се убиени оттогаш, главно жени и деца, а над 100.500 други се повредени, според локалните здравствени власти.
Израелските напади врз Газа го раселија речиси целото население на територијата поради тековната блокада што доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Газа.