Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout,Enes Canlı,Çağrı
10 Мај 2021•Ажурирај: 11 Мај 2021
КУДС (АА) - Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека бројот на повредени во интервенцијата на израелските сили врз Палестинците во комплексот „Ал Акса“ во окупираниот Кудс (Ерусалим) е зголемен на 305, и дека израелската полиција се повлекла од комплексот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека во болниците се превезени 228 повредени, меѓу кои и најмалку седум лица во тешка состојба.
Палестинската Црвена полумесечина исто така соопшти дека израелската полиција се повлекла од комплексот „Ал Акса“ по четиричасовната интервенција во која користела голема количина солзавец, гумени куршуми и шок-бомби.
Во соопштението се наведува израелските сили ги отвориле и влезовите во дворот што од утринава биле блокирани.
Во дворот на „Ал Акса“ и понатаму се наоѓаат голем број Палестинци.
Палестинците во Кудс веќе неколку дена протестираат поради израелските рации и судски одлуки за протерување на палестинските семејства од Шеик Џарах. Ситуацијата ескалираше откако израелските сили во петокот со интервенција се обидоа да ги истераат верниците од комплексот на „Ал Акса“.
И утринава израелските сили интервенираа врз Палестинците кои се собраа по клањањето на сабах-намаз за да го спречат влезот на екстремните еврејски групи во комплексот „Ал Акса“.
Радикалните еврејски групи вчера и денес го одбележуваат „Денот на Ал-Кудс“ во знак на сеќавање на денот кога Израел на крајот на Шестдневната војна во 1967 година го окупираше Ал-Кудс (Ерусалим). По тој повод ги повикаа радикалните Евреи да влезат во комплексот „Ал Акса“.
Директорот на комплексот „Ал Акса“, Омар ал Кисвани, го повика исламскиот свет да помогне. Тој преку разгласот на Харем-и Шериф истакна дека „Ал Акса“ се наоѓа под голем напад и најави продолжување на палестинскиот отпор.