Zuhal Demirci
17 Октомври 2017•Ажурирај: 18 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Фондот за население на Обединетите нации (UNFPA) соопшти дека 3 од 5 жени во светот немаат право на породилно боледување, јавува Anadolu Agency (AA).
УНФПА го објави Извештајот за состојбата на населението во светот за 2015 година, под наслов „Различни светови: Репродуктивно здравје и права во ера на нееднаквост“.
Во извештајот се наведува дека на светско ниво, само половина од жените имаат платена работа и глобално гледано, жените за извршената работа земаат 77 отсто од платата што ја добиваат мажите. Во извештајот се истакнува дека на глобално ниво, 3 од 5 жени немаат право на породилно боледување.
Исто така, се наведува дека неуспехот во обезбедувањето здравствени услуги за репродуктивното здравје за сиромашните жени, во кое спаѓа и планирањето на семејството, може да ги ослаби економиите што се неуспешни по ова прашање, саботирајќи го напредокот во намалувањето на сиромаштијата.
- 48.000.000 абортуси -
Во извештајот се наведува: „Во поголемиот дел од земјите во развој, сиромашните жени имаат најмал избор за планирање на семејството. Оваа група жени имаат најмал пристап до лекарски преглед пред пораѓањето, а прилично е висок и процентот на оние кои се пораѓаат без доктор или бабица“.
Поради ограничениот пристап до можноста за планирање на семејство, во извештајот се истакнува дека секоја година во земјите во развој се случуваат 89 милиони непланирани бремености, од кои 48 милиони завржуваат со абортус. Во вакви случаи не се наштетува само на здравјето на жената, туку и можноста за економска независност, бидејќи се соочуваат со скратување на можноста за добивање платена работа или дури и да останат без работа.
- Жените се принудени да направат избор меѓу кариерата и родителството -
Поради недостатокот од пристап до услуги како што е грижа за децата, во извештајот се вели дека жените се спречени да бараат работа надвор од својот дом. „За дел од жените во светот, пазарот на труд не дозволува платено породилно боледување, а има случаи и кога работодавците вршат дискиминација врз трудниците, поради што многу жени се принудени да направат избор меѓу кариерата и родителството“, се наведува во извештајот.
Во него се вели дека нееднаквоста во репродуктивното здравје е поврзана и со економската нееднаквост. „Незадоволените барања за планирање на семејство кај земјите во развој е најзастапена кај жените кои се наоѓаат на дното од социјалната скала“, се наведува во извештајот.
„Во поголемиот дел од земјите во развој, жените сочинуваат 20 отсто од најсиромашното население и имаат најмал пристап до услугите за полово и репродуктивно здравје, во кои спаѓа и заштитата од бременост. За разлика од нив, жените на врвот на социјалната скала обично имаат пристап до поширок спектар на услуги“, се вели во извештајот.
Исто така, се истакнува дека онаму каде што нема пристап до услуги за контрола на бременоста, помалку образованите жени кои живеат во руралните сиромашни подрачја се под висок ризик од непланирана бременост. Таквата состојба создава поголеми здравствени ризици за мајката и за детето во понатамошниот живот, кои можат доживотно да се отсликаат врз економската состојба.
„Економската нееднаквост во голема мера негативно влијае врз стапката на развој бидејќи го намалува капацитетот на луѓето и го спречува создавањето капитал кај најсиромашните луѓе“, се вели во извештајот.
- Кај земјите во развој, непланираната бременост се случува кај 43 отсто од трудниците -
Институтот „Guttmacher“ со седиште во САД, спроведува истражувања во врска со репродуктивното и половото здравје. Во извештајот на Фондот за населението на Обединетите нации (ОН) се отстапува место и за овогодишните податоци на овој институт. „Кај земјите во развој, непланираната бременост се среќава кај 43 отсто од трудниците. Непланираната бременост е пораспространета кај сиромашните и недоволно образовани жени кои живеат во руралните подрачја. Кај поголем дел од овие земји, стапката на наталитет е многу поголема кај сиромашните отколку кај групата со повисоки приходи“, се наведува во извештајот.
Кај земјите кај кои генералната стапка на наталитет е ниска, забележано е дека помала е разликата меѓу сиромашното и богатото население, додека во земјите во коишто наталитетот е висок, се истакнува дека е можна голема разлика меѓу горните и долните социјални слоеви.
„И покрај тоа што на глобално ниво е намалена смртноста на мајките за време на бременоста, во развиените земји смртноста при породување изнесува 12 родилки на 100.000, додека смртноста при породување во најмалку развиените земји изнесува 436 родилки на 100.000. Секоја година кај земјите во развој има 89 милиони случаи на непланирана бременост, 48 милиони абортуси, 10 милиони спонтани абортуси и 1 милион мртвородени бебиња“, се наведува во извештајот на УНФПА.