Ekipa
20 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
АНКАРА/ДАКАР (АА) - Иако независност стекна во април 1960 година, Сенегал и понатаму е земја во која во сите пори на општеството се видливи трагите на францускиот колонијализам, а локалните интелектуалци се сè погласни во предупредувањето за недовршениот процес на стекнување независност, јавува Anadolu Agency (AA).
Угледниот писател, професор по историја, поранешниот министер за образование и потпретседател на Парламентот на Сенегал, Иба дер Тиам, изјави дека е срамно и болно тоа што речиси шест децении по независноста на оваа африканска земја, нејзините улици и понатаму носат имиња на француските колонизатори.
Тој за сенегалските медиуми ја нагласи неопходноста за укажување на процесите кои водат кон повторно губење на сенегалската независност.
„Срамно и болно е тоа што главните улици во сенегалските градови и понатаму ги носат имињата на командантите на француските сили против кои се бореа сенегалските борци за независност и верските лидери. Главната улица во Дакар и денес го носи името на оној за кого знаеме дека за 8 месеци убил 20.000 лица“, изјави Тиам.
Истакнувајќи дека борбата на сенегалските патриоти за полна независност и отстранување на симболите и влијанието на колонизаторите никогаш не престанала, 81-годишниот Тиам изјави дека не може да се каже дека таа е успешна.
„Во периодот кога бев министер за образование, се обидов да ги променам спорните називи на училиштата, но повеќе инстанци тоа не го одобрија“, изјави Тиам.
Тој истакна дека и понатаму на сенегалскиот народ му се наметнува националната историја, според која тој е поразениот народ, а децата на елитните семејства во оваа земја и понатаму се образоваат во училиштата кои работат според системот останат од периодот на колонијализмот.
Тој тврди дека образовниот систем на Сенегал и понатаму е под контрола на Французите, и дека токму тоа е причина за големиот јаз меѓу елитниот слој и обичниот народ.
Како историчар, тој тврди дека Сенегал мора да напише нова, сопствена национална историја, во која хероите на борбата за независност ќе добијат заслужени епитети, а дека во спротивно нема да можат да се оттргнат од колонијализмот и неговите симболи и влијанија.