Eşref Musa,Ömer Koparan
25 Октомври 2020•Ажурирај: 27 Октомври 2020
ТЕЛ АБЈАД (АА) - Во сирискиот град Тел Абјад, близу границата со Турција, се одржаа протести против францускиот претседател, Емануел Макрон, поради неговите неодамнешни изјави за исламот и муслиманите, јавува Агенција Анадолија (AA).
На протестот излегоа неколку десетици граѓани и остро ги осудија изјавите на Макрон за муслиманите.
Демонстрантите носеа транспаренти со пораките „Исламот е религија на мирот, ние го отфрламе тероризмот“ и „Бојкот за француските производи“, а во еден момент запалија и плакат со ликот на Макрон.
Претседателот на локалниот Градски совет, Веил Хамдо, за Агенција Анадолија изјави дека се собрале во знак на протест против Макрон, кој исламот го прикажува како непријателска религија.
„Исламот е религија на мирот, кај нас нема место за тероризам. Изворот на тероризмот е Франција. Не заборавивме дека убија 1,5 милиони луѓе само во Алжир“, рече Хамдо.
Во Франција во последните денови се интензивирани притисоците и рациите врз муслиманските невладини организации и здруженија.
Да потсетиме, во квартот Конфланс-Сен-Онорин во близина на Париз на 16 октомври на наставникот по француски јазик, Самуел Пети, му беше отсечена главата. На наставникот пред неговото училиште главата му ја отсече осумнаесетгодишник, кој подоцна беше убиен од полицијата. Наставникот неодамна на учениците на час им покажувал карикатури на божјиот пратеник Мухамед, на што реагирале родителите.
Министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманин, на 19 октомври рече дека ќе бидат затворени многу исламски здруженија и невладини организации, меѓу кои и францускиот Колектив за борба против исламофобијата и здружението „Баракасити“, како и една џамија. Претседателот Макрон, исто така, порача дека во земјата нема да се престане со објавувањето карикатури на пратеникот Мухамед.