Ekip
31 Август 2016•Ажурирај: 31 Август 2016
ТОКИО (АА) - Најмалку 11 лица загинаа и три лица се водат за исчезнати во тајфун што ја погоди северна Јапонија, предизвикувајќи поплави и рушење на насипите на реките, јавува Anadolu Agency (AA).
Локалната новинска агенција Киодо денес објави дека 9 лица од жртвите се пронајдени во близина на старечки дом во североисточната префектура Ивате, а се верува дека тие биле негови станари.
Локалниот совет за социјална помош вели дека 70 до 80 лица кои живееле во старечкиот дом, од кои никој не се наоѓа во сериозна здравствена состојба, биле пренесени со хеликоптер со цел да бидат безбедни.
Три лица се водат за исчезнати откако паднале во реките Таики, Шимизу и Шитоку, на северниот остров Хокаидо.
Јапонската метеоролошка агенција изјави дека врнежите од тајфунот Лионрок – десеттиот тајфун оваа сезона, кој синоќа ја погоди северна Јапонија – во изминатите денови го сруши рекордот во перфектурите Ивате и Хокаидо.
Градот Иваидзуми во перфектурата Ивате е погоден од 203,5 милиметри дожд дневно – количина која е над месечниот просек за август.
Властите на северната област Тохоку на Хоншо, најголемиот остров во Јапонија, издадоа наредба за евакуирање на околу 410.000 лица поради стравување од свлечишта и високи бранови.
10 лица се повредени во тајфунот што ги погоди перфектурите Ивате, Аомори, Мијаги и Акита.