Rıdvan Korkulutaş
19 Јуни 2016•Ажурирај: 20 Јуни 2016
КИЛИС (АА) - Според истражувањата кои ги спроведе хуманитарната организација ИХХ, во војната во Сирија 600.000 деца останаа без татко, јавува Anadolu Agency (AA).
Во војната која веќе пет години трае во Сирија илјада лица загинаа а милиони беа принудени да ги напуштат своите домови и да се упатат кон побезбедни подрачја.
Војната особено негативно се одрази врз децата и жените. Многу деца се сместени во детски домови во Турција и Сирија. На подрачјата долж турско-сириската граница се организираат различни проекти за деца без родители.
Адем Калајџи, координаторот на одделот на ИХХ за деца без татковци, изјави дека организацијата вложува големи напори да им помогне на децата кои го загубиле својот татко, како и жените кои го загубиле својот сопруг.
Организацијата е спонзор на 7.000 деца во Турција и Сирија. Калајџи изјави дека во Рејханли, во турската покраина Хатај, основан е терапевтски центар и уметнички работилници.
„Тука нудиме различни програми за деца и вдовици кои поминале низ трауми од војната. Организираме различни активности. Психолозите и лекарите комуницираат со нив. Илјадници деца на тој начин добија помош. Според нашите податоци во Сирија постојат 600.000 дечиња без татко. Покрај тоа, помеѓу 40 и 50 илјади деца се наоѓаат во Турција”, изјави Калајџи и додаде дека најмногу деца живеат во Хатај, каде што се сместени осум илјади деца.
ИХХ има 11 кампови во сирискиот Азас и околните места во кои во посебни оддели за деца без татко се сместени 5.225 деца.
Калајџи истакнува дека во Сирија отворени се пет, а во Турција три детски домови, додека во Источна Гута, во Сирија постојат два дома. Тој појасни дека поради воената состојба илјадници деца остануваат без двајцата родители.
„Татковците се убиени. Мајките се присилени децата да ги остават сами во куќите и да излезат надвор за да донесат храна. Тогаш се или убивани или заробени. Стотици деца на тој начин ги загубија своите родители. Нивните роднини, со цел децата да не умрат од глад, ги оставаат во затворите на Асад. Таму имаат барем по еден оброк дневно. Кога ги отворивме домовите, зедовме 20 деца од тие затвори”, изјави Калајџи.