Diyar Güldoğan
09 Септември 2023•Ажурирај: 14 Септември 2023
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Лидерите на Г20, кои се собраа на самитот во индиската престолнина Њу Делхи, во заедничката декларација наведоа дека ги ценат напорите на Туркије околу договорот за црноморското жито, известува Анадолу.
„Ги цениме напорите на Туркије и Истанбулските договори со посредство на ОН, кои се состојат од Меморандум за разбирање меѓу Руската Федерација и Секретаријатот на Обединетите нации за промовирање на руските прехранбени производи и ѓубриво на светските пазари и Иницијативата за безбеден транспорт на жито и продукти од украинските пристаништа (Црноморска иницијатива)“, се наведува во декларацијата од Њу Делхи.
Лидерите повикаа на „потполна, благовремена и ефикасна“ имплементација на договорот, со цел да се осигура „моментална и непречена“ испорака на жито, прехранбени продукти и ѓубриво од Украина и Русија.
„Ова е неопходно за да се задоволи побарувачката во земјите во развој и најмалку развиените земји, особено во Африка“, се додава во повикот на лидерите на Г20.
Лидерите на Г20, без претседателот на Русија, Владимир Путин и кинескиот претседател Ши Џинпинг, се собраа на дводневниот самит, за да разменат мислења за трговијата, климата и другите глобални проблеми.
На 17. јули, Русија го прекина своето учество во Црноморската иницијатива за жито, која беше потпишана со посредство на Туркије и Обединетите нации, со цел да продолжи извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, транспор кој запре по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Москва континуирано се жали дека Западот не ги исполнил неговите обврски од договорот и дека Русија има ограничувања за плаќањето, логистиката и сигурноста на испораките на храна и извозот на ѓубрива, додавајќи дека не се испорачува доволно украинско жито во земјите на кои им е потребно.
Туркије наведува дека договорот би требало да продолжи со решавање на бројните недостатоци кои се идентификувани и дека не постои алтернатива за договорот потпишан во јули 2022 година.