Aida Cako
25 Април 2025•Ажурирај: 29 Април 2025
СКОПЈЕ (АА) – Серија споредбени фотографии сведочат за драматичната трансформација на Газа - од живописен и населен град во урнатини каде што постои само страдање, јавува Анадолу.
Разорните последици од израелските напади, кои започнаа на 7 октомври 2023 година, се видливи во секој агол од оваа опколена палестинска територија.
На фотографиите се гледа некогашната убавина на брегот на Газа: згради, улици и живот што тече.
Денес овие локации се претворени во пепел и урнатини.
Уништувањето не ја погоди само инфраструктурата туку и духот, достоинството и секојдневјето на жителите.
Уништен е голем дел од инфраструктурата - електричната енергија, водоснабдувањето и телекомуникациите се речиси недостапни, предизвикувајќи хуманитарна катастрофа од невидени размери.
Болниците работат под минимални услови, а пристапот до основни продукти е сè потежок.
Илјадници цивили го загубија животот, меѓу нив и голем број деца, додека десетици илјади останаа без дом. За нив иднината е неизвесна, а секојдневјето е исполнето со болка и неизмерна тага.
Овие фотографии не се само доказ за тоа како изгледа Појасот Газа пред и по воените напади, туку се гласен повик до светот да не остане рамнодушен пред трагедијата што го погоди.