Mesut Zeyrek,Bahattin Gönültaş
10 Септември 2020•Ажурирај: 11 Септември 2020
БЕРЛИН
За првпат во Германија по 1990 година на целата територија на земјата засвиреа сирените за предупредување од опасност предизвикана од земјотрес, пожар, прекин на електрична енергија и радијација, известува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларијата за цивилна одбрана и помош при катастрофи (BBK), со цел да обезбеди луѓето во земјата да бидат подготвени при итни ситуации, на ниво на цела Германија во 11:00 часот по локално време на двапати ги вклучи сирените.
Во секое свирење на сирените кое траеше по една минута, првото беше со значење за предупредување, со звук на повишување и намалување на тонот на сирената, додека втората сирена претставуваше звук за крај на предупредувањето со звук со иста интонација.
Предупредувачките сигнали беа вклучени преку мрежата на сирени управувани од општините, традиционалните масовни медиуми за комуникација - радиото и телевизијата и преку социјалните мрежи.
Претставниците од Канцеларијата за цивилна одбрана и помош при катастрофи соопштија дека споменатите сирени не се поврзани со кризата од новиот тип коронавирус (Ковид-19), додавајќи дека целиот процес е планиран уште пред две години.
Од Канцеларијата информираа дека во иднина, секоја година, вториот четврток во септември, како „ден на предупредување“ во цела Германија ќе засвират сирените во знак на активности за подготовка при итни ситуации.