Ayhan Şimşek
02 Февруари 2026•Ажурирај: 03 Февруари 2026
БЕРЛИН (АА) – Милиони патници низ Германија се во потрага по алтернативни начини за транспорт, откако предупредувачкиот штрајк на национално ниво доведе до речиси целосен застој на автобусите, трамваите и метрото, јавува Анадолу.
Синдикатот Вер.ди повика околу 100.000 вработени од 150 општински претпријатија за транспорт на 24-часовен штрајк, почнувајќи од 3 часот по полноќ, по локално време. Штрајкот ги зафати сите сојузни покраини, освен Долна Саксонија.
Денешниот утрински метеж донесе најсериозни нарушувања во поголемите градови, вклучувајќи ги Берлин, Хамбург, Келн, Диселдорф, Франкфурт, Штутгарт и Минхен, каде што автобускиот, метро и трамвајскиот сообраќај во поголема мера беше откажан.
Главниот преговарач на Вер.ди, Серат Џанјурт, во одбрана на штрајкот, рече дека работодавците не му оставиле избор на синдикатот.
„Наш приоритет е да постигнеме напредок на преговарачката маса”, изјави Џанјурт за локалните медиуми.
Тој рече дека работодавците одбиле сериозно да ги разгледаат барањата на синдикатот, кои веќе два месеца биле на маса.
Синдикатот бара значително пократки работни недели и смени, подолги периоди за пауза и повисок надоместок за ноќните смени и викенди. Во неколку сојузни покраини, вклучувајќи ги Баварија, Браденбург, Саарланд и Тирингија, Вер.ди води преговори за зголемување на платите со општинските претпријатија за транспорт и операторите.