Nuran Erkul Kaya,Gülşen Çağatay
04 Ноември 2021•Ажурирај: 05 Ноември 2021
ГЛАЗГОВ (АА) - Се предвидува дека емисиите на јаглерод диоксид базирани на фосилни горива, кои се намалени поради ограничувањата што се применуваат против епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), повторно ќе се зголемат и до крајот на годината ќе се приближат до нивото пред пандемијата, известува Агенција Анадолија (АА).
Извештајот за Глобалниот буџет за јаглерод диоксид изработен во рамките на Глобалниот проект за јаглерод од страна на истражувачите од Универзитетот „Ексетер“, Универзитетот „Источна Англија“, Институтот ЦИЦЕРО и Универзитетот „Стенфорд“, беше објавен на 26. Конференција на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP26).
Според извештајот, емисиите на јаглерод диоксид од фосилните горива минатата година се намалени за 5,4 отсто во однос на 2019 година, поради ограничувањата воведени во рамките на борбата против пандемијата.
Оваа година, како резултат на укинувањето на повеќето мерки против пандемијата, со заживувањето на економиите и зголемувањето на потрошувачката на јаглен и природен гас, повторно почнаа да се зголемуваат јаглеродните емисии.
Се предвидува дека до крајот на оваа година емисиите од фосилните горива ќе се зголемат за околу 5 отсто во однос на минатата година, достигнувајќи 36,4 милијарди тони, приближувајќи се до нивото пред пандемијата.
Додека емисиите на јаглерод во САД и ЕУ во споредба со 2019 година се намалени за 3,7 и 4,2 отсто, соодветно, се очекува емисиите на јаглерод во Кина во истиот период да се зголеми за 5,5 отсто.
Се проценува дека емисиите на јаглерод диоксид во Индија ќе се зголемат за 4,4 проценти.
На Кина отпаѓаат 31 % од емисиите на јаглерод диоксид од фосилни горива во светот, а на САД 14 %. ЕУ и Индија имаат по 7 % удел во емисиите на јаглерод кои потекнуваат од фосилни горива.
Севкупно земено, заедно со другите земји, вкупната емисија на јаглерод диоксид од фосилните горива е под нивото од 2019 година.
- Шумите за период од 10 години спречија ослободување на 9,9 милијарди тони јаглерод диоксид во атмосферата -
Во последните 10 години, нето-емисијата на јаглерод диоксид како резултат на промената на користењето на земјиштето на глобално ниво изнесува 4,1 милијарда тони.
Како резултат на уништувањето на шумите и другите промени во користењето на земјиштето, 14,1 милијарда тони гас јаглерод диоксид беа испуштени во атмосферата.
Поради обновувањето на шумите и на почвата, 9,9 милијарди тони јаглерод диоксид беа задржани и беше спречено овие емисии да заминат во атмосферата.
Според извештајот, емисиите од уништувањето на шумите и другите промени во користењето на земјиштето останаа релативно стабилни во текот на изминатите 20 години.
Во овој период се зголемија и емисиите од шумите и почвата. Тоа укажува дека нето-емисијата од промената на користењето на земјиштето се намалени од неодамна.
Професор Пјер Фридлингштајн од Институтот за глобални системи на Универзитетот во Ексетер, во својата оценка на извештајот изјави дека брзото зголемување на емисиите во периодот кога економиите закрепнуваат од ефектите на пандемијата ја покажува важноста од итно преземање акција против климатските промени на глобално ниво.
Наведувајќи дека оваа година, закрепнувањето на емисиите на јаглерод диоксид базирани на фосилни горива на глобално ниво укажува на враќање на економијата базирана на фосилни горива пред епидемијата, Фридлингштајн ја даде следната проценка: „Се забележува дека инвестициите на некои земји направени во зелената економија како дел од плановите за економско закрепнување по епидемијата се недоволни за тие самостојно да го спречат достигнувањето на нивото на емисии пред епидемијата.“