Mehmet Hatipoğlu
08 Јуни 2018•Ажурирај: 09 Јуни 2018
КОМОТИНИ (АА) - Судот во грчката област Западна Тракија осуди двајца новинари на 20 месеци затвор, кои претходно беа обвинети дека преку медиумите изнесувале навреди на сметка на муфтиите кои грчките власти ги именуваа во градовите Комотини и Ксанти, јавува Anadolu Agency (AA).
Против сопственикот на весникот „Милет“, Џенгиз Омер, и главниот колумнист Фејзулах Хасанкахја е покрената постапка, бидејќи преку медиумите го критикувале именувањето на Мехмет Емин Синикоглу и Џемалиај Мечо на позиција „муфтија“ во градовите Комотини и Ксантил. Двајцата муфтии ги тужеа новинарите поради наводно вреѓање преку медиумите.
Судот донесе одлука за затворска казна од 20 месеци за Омер и Хасанкахја, со можност за одложување на служењето казна од 3 години. Со оглед на тоа дека двајцата новинари упатија жалба до повисокиот суд, тие се пуштени на слобода.
Хасанкахја во разговор за АА истакна дека грчките власти во Западна Тракија со договорите константно ги кршат загарантираните права на муслиманското турско малцинство во оваа област. Против весникот „Милет“ е покрената тужба токму поради тоа што во текстовите е укажано на кршењето на тие права.
Според неговите зборови, проблемот „муфтија“ во Западна Тракија е своевиден „хроничен проблем на малцинството“.
„На Турците муслимани во Западна Тракија им се оневозможува основното право сами да ги изберат своите верски лидери. Институцијата на муфтијата е една од најзначајните институции за тамошните муслимани. Во една немуслиманска земја, турската муслиманска заедница е таа која најдобро знае кој е најадекватен да ја извршува должноста на муфтијата. За жал, грчките власти без никакво консултирање со турската заедниа, на диктаторски начин, на позиција на муфтијата поставуваат лица кои се неприфатени во заедницата“, изјави Хасанкахја.
Тој додаде дека под различни изговори се поднесуваат тужби против весникот „Милет“, иако овој медиум само укажа на погрешните постапки и кршењето на човековите права. Целта, како што рече тој, е да се внесе страв.
Сопственикот на весникот, Џенгиз Омер, по пат на социјалните медиуми напиша дека ова со сигурност е судска постапка која ќе биде забележана во историјата, потсетувајќи дека прашањето за муфтиите е прашање кое веќе со години чека на решавање.
Во Грција, поточно во областа Западна Тракија, верските лидери и муфтии на муслиманското турско малцинство ги именува државата. Турското малцинство се противи на овие одлуки, и бара само да ги бира своите верски лидери.