Zehra Nur Düz
30 Јули 2022•Ажурирај: 01 Август 2022
ЊУЈОРК (АА) - Гувернерката на Њујорк, Кети Хокул, прогласи вонредна состојба во американската сојузна држава Њујорк поради избивање епидемија на мајмунски сипаници, известува Агенција Анадолија (АА).
„Прогласувам вонредна состојба во државата во случај на катастрофа, за да ги засилиме нашите постојани напори во борбата против ширењето на мајмунските сипаници“, наведе Хокул доцна синоќа во својата објава на социјалната мрежа Твитер.
Таа рече и дека тој потег ќе им овозможи на властите побргу да реагираат и да отворат пат за медицинскиот персонал да ги преземе понатамошните чекори што ќе помогнат поголем број Њујорчани да се вакцинираат.
Секој четврти случај на мајмунски сипаници во САД е во Њујорк. До 29 јули, во Њујорк се пријавени 1.383 случаи на зараза со мајмунски сипаници.
„Работиме деноноќно за да обезбедиме поголем број вакцини, да ги прошириме капацитетите за тестирање и да ги едуцираме Њујорчаните како да останат безбедни“, рече Хокул.
Претходно, во петокот, Бразил и Шпанија ги потврдија првите смртни случаи предизвикани од мајмунски сипаници надвор од Африка.
Светската здравствена организација минатата недела прогласи глобална здравствена вонредна состојба поради тековната епидемија на мајмунски сипаници.