ПОДГОРИЦА (AA) - Бакир Тиро -
Кога на Балканот ќе речете „гениј", многумина без размислување ќе речат Дејан Савичевиќ. Најпопуларниот Црногорец на сите времиња, во Италија, играјќи за славниот „Милан“ во периодот од 1992 до 1998 година го доби прекарот „геније".
Еден од најдобрите европски фудбалери на сите времиња. Беше перфектен техничар и со два клуба двапати ја освои Лигата на шампионите, со белградската Црвена ѕвезда во 1991 година и три години подоцна со „Милан“. Савичевиќ денес е претседател на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора, земја со околу 650.000 жители.
„Задоволен сум. Состојбата во црногорскиот фудбал е релативно добра. Секогаш може подобро, но на добар пат сме. Ќе инсистираме на подобрување на инфраструктурата која и досега ја имаме подигнато на повисоко ниво. Тоа ќе биде политиката на сојузот, посебно да ги подобриме условите за гледање на натпреварите“, рече Савичевиќ во интервју за АА.
Тој смета дека трите репрезентации од земјите во регионот речиси извесно би можеле да се најдат на завршната планетарна фудбалска смотра во Русија.
„Пред сѐ Хрватска со последната победа против Украина, па и Србија, се на добар пат да се квалификуваат на СП. Тука мислам и на репрезентацијата на БиХ, која има добра генерација на фудбалери. Се надевам дека и БиХ директно ќе се квалификува на СП, а за нас останува грчевитата борба преку бараж да се обидеме да дојдеме до Русија“, истакна Савичевиќ.
- Со доаѓањето на Чеферин во УЕФА не гледаат со други очи -
Доаѓањето на Словенецот Александер Чеферин како претседател на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) се гледа како позитина работа, посебно за 13-те сојузи на Стариот контитент (БиХ, Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија, Албанија, Грција, Кипар, Турција, Бугарија, Романија, Русија) кои водат единствена надворешна политика во меѓународните организации.
„Сега имате претседател со којшто можете да имате директна комуникација, до извор сте на информации. Не мора да пишувате мејлови, да чекате по 15-20 дена некој да се смилува да ви одговори. Беше добар потег тоа што Чеферин се кандидираше за претседател, во што го поддржа нашата 'група 13', а и многу други сојузи. Се дружевме, разговаравме, правевме стратегии. Донесовме многу одлуки, ги ставивме во статутот. Сега има многу повеќе наши луѓе во УЕФА. Во наредниот период мораме да делегираме луѓе за комисии каде што досега бевме мрзеливи. Не гледам причина, во жалбената, дисциплинската, арбитражната комисија треба да бидат уште по двајца од Австрија, Германија, Словачка ... Зошто да нема луѓе од Словенија, Србија, Босна, Грција, Бугарија".
Савичевиќ открива и дека сојузите од просторите на поранешна Југославија, иницијаторите на таканаречената „групата 13“, останатите членки на УЕФА сега ги гледаат со други очи.
„Видоа дека се консолидиравме, дека направивме блок кој не е насочен против другите, туку поради своите интереси. Бевме некогаш една држава, речиси проблемите ни се исти. Не гледам причина и понатаму да не делуваме во групацијата која се прошири", смета Савичевиќ.
На прашањето треба ли политичарите на немирното балканско тло да го следат патот и позитивниот пример на државните фудбалски функционери, одговори:
„Политичарите се поширока и покомплексна тема. Ние сме од фудбалот и сакаме иста работа, а тие сакаат иста работа- политиката. За да останат на власт некогаш мораат да кажуваат по некоја приказна која ним им одговара и која понекогаш не е спортска“.
- Многу навивачи се задоени со национализам -
Савичевиќ не верува дека фудбалот во потполност може да помогне во помирувањето на народите на Балканот.
„Да можеше да помогне не би се случило толкаво крвопролевање во последната проклета војна на просторите на поранешна Југославија. Спортот и фудбалот можат до некаде да помогнат. Но, има многу навивачки фракции во Хрватска, БиХ, Србија кои сѐ ,уште се задоени со национализам и тоа ќе оди тешко“, смета Савичевиќ порачувајќи дека сме сѐ уште далеку од формирање регионална лига.
„Да се почне да се игра регионалната лига би имало проблеми во Хрватска, БиХ и Србија, во Црна Гора не. Тоа би донело проблеми за Сараево, за Белград... Тоа е голем проблем, како и климатските услови, зимската пауза, и тешко е да се најде простор за играње на регионалната лига, можеби некои купови, турнири. Тешко може да заживее натпреварувањето како што тоа некогаш беше југословенската лига. Тоа е невозможно во овој момент".
Вели дека законите треба да бидат порестриктивни на стадионите во регионот.
„Хулиганите или постраствените навивачи кон клубските бои и кон националните определби најмногу ги донесе демократијата. И тоа ни е наметнато, поради што Југославија се распадна. Кривичните закони се смешни на овие простори. Кај Англичаните, каде што е најголемата демократија во Европа, Маргарет Тачер донесе закон кој не им се допадна на навивачите, но ги смири. Кога почина свиркаа. Меѓутоа, во Англија ги смирија навивачите и сега семејства одат на натпревари. Не само на овие подрачја, туку и во Италија се доста благи законите. Со казни и кривични закони донекаде се смирија нередите и ескалациите на стадионите“, тврди Савичевиќ во интервјуто за Anadolu Agency (AA).