Rania R.a. Abushamala
01 Ноември 2023•Ажурирај: 02 Ноември 2023
ГАЗА (АА) - Египетските амбулантни возила утринава започнаа да влегуваат во Појасот Газа преку граничниот премин Рафа во подготовка за транспорт на тешко повредените палестински пациенти на лекување во египетските болници, пренесува Анадолу.
Египетскиот канал „Каиро њуз“ (Al-QAHera News) објави дека околу 40 амбулантни возила од Египет поминале низ Рафа за да пренесат 80 тешко повредени лица од Газа во болниците во Египет на лекување.
Каналот исто така објави дека возила и камиони се движат кон Газа, со подготовките во Египет да обезбедат дополнителна хуманитарна помош за опколената енклава.
„Неколку лица со странска националност се собраа пред граничниот премин. Сепак, сè уште нема амбулантно возило на палестинската страна на преминот“, јави дописникот на Анадолу.
Дописникот дополнително потврди дека тимовите на Црвениот крст и на Лекари без граници пристигнале и на палестинската страна на преминот.
Египетските власти синоќа ја информираа Општата управа за премини и граници во Газа дека граничниот премин Рафа ќе биде отворен денес за да започне со транспорт на тешко повредени палестински пациенти за лекување во Египет.
„Од египетската страна сме информирани дека 81 тешко повредено лице денес ќе замине на лекување во египетските болници“, соопштија властите.