Автор: Ахмед Јусеф
ДОХА (АА) - Во последните неколку недели талибанците се на сите насловни страници поради брзото заземање на Авганистан, што предизвика поделени реакции на владите и различните сегменти на општеството.
Ахмад Мувафак Заидан, експерт за авганистанското прашање, верува дека денешните талибанци се поразлични од она што биле пред 20 години по ригорозниот контакт со светот.
„Сцените кои ги видовме со влезот на талибанците во Кабул и другите градови и како се однесуваат со државните институции се охрабрувачки и за авганистанскиот народ и за светот. Споредете го овој влез со варварскиот влез [на меѓународните коалиции на чело со Вашингтон, заб. на авт.] во Багдад 2003 година, па дури и со демонстрантите кои влегоа во Капитол Хол [зградата на Конгресот, заб. на авт.] во време на поранешниот американски претседател Доналд Трамп“, изјави во интервјуто за Агенција Анадолија (АА), Заидан, авторот на книгата „Долго лето на Авганистан“.
Откако брзо ги освоија помалите административни области и провинциски центри, талибанските борци во неделата влегоа во авганистанскиот главен град Кабул, преземајќи ја моќта и контролата врз земјата по речиси 20 години.
Владата брзо се распадна, а авганистанскиот претседател Ашраф Гани и други клучни функционери избегаа во странство.
Досега талибанците најавија општа амнестија за државните службеници, ги охрабрија жените да учествуваат во нивната идна влада и ветија дека Авганистан нема да биде отскочна штица за да наштети на која било земја, што Заидан го оцени како „охрабрувачко“.
Сепак, тој тврди дека „следната фаза ќе биде тест за талибанците“, но изрази надеж дека групата ќе има корист од своето петгодишно искуство во управувањето со земјата пред инвазијата предводена од САД.
- Победа или договор? -
Запрашан дали преземањето на Авганистан од страна на талибанците е резултат на победи на бојното поле или договорот со САД, Заидан рече дека тоа е вистинска победа, цитирајќи го известувањето на западните медиуми за преземањето на талибанците како „крај на американската ера“ и „понижување“ на Западот во земјата на Централна Азија.
„Она што американскиот претседател Џо Бајден го нарече Авганистан гробишта на големите империи, доволно објаснува сѐ“, рече Заидан.
Во врска со гласините дека тоа што се случи не е победа на талибанците, туку претходен договор со Вашингтон, авганистанскиот експерт рече:
„Единствениот договор, колку што знам, е Договорот во Доха, потпишан во февруари 2020 година, кој предвидуваше повлекување на американските сили од Авганистан. Договорот беше потпишан за време на администрацијата на Трамп и сегашната администрација имаше многу малку време да го напушти Авганистан безбедно, што предизвика состојба на паника и конфузија на која сите сме сведоци.“
Тој, исто така, се осврна и на „играта на вина“ меѓу САД и Обединетото Кралство за контролата на талибанците врз Авганистан, што, според него, ќе има „длабоки, опасни и далекусежни последици“.
„Светот треба да се подготви за неверојатни геополитички промени, во кои талибанците ќе бидат главен играч во следната сцена“, рече Заидан.
- Трпелив преговарач -
Според него, трите карактеристики на талибанците дека се трпеливи, упорни и опасни преговарачи, одиграле клучна улога во нивната победа.
„Американците побараа од Пакистан да го уапси Мула Абдул-Гани Барадар во 2010 година, вториот талибански командант, а потоа побараа негово ослободување во 2018 година, бидејќи сметаа на него [за преговорите, заб. на авт.]. Тие мислеа дека тој е еден од умерените , меѓутоа, тој се покажа умерен само во своите убави зборови, но според мое мислење, тој ги воодушеви сите со својата трпеливост и истрајност на принципите“, рече Заидан.
- Талибанците и Турција -
Што се однесува до односот на талибанците со Турција, Заидан рече дека таа група има „исламски чувства и историска љубов кон Турција“, за кои верува дека треба да се зајакнат за да можат да се справат со заедничките предизвици.
„Можеби сите наредни денови ќе ни донесат добри вести за натамошното продлабочување на овој однос, што верувам дека ќе биде од корист за исламскиот свет, кој се соочува со огромни предизвици“, рече Заидан.
Тој верува дека преземањето на власта на талибанците во Авганистан ќе има огромно влијание врз исламистичките движења.
Предупреди дека муслиманската младина сега повеќе ќе ја привлекува талибанскиот стил на преземање власт, што најверојатно ќе го прифатат луѓето во арапскиот свет кои копнеат да стават крај на угнетувањето.
„Според тоа, помладата генерација ќе види дека нема друго решение освен талибанскиот модел“, заклучи Заидан.
news_share_descriptionsubscription_contact
