Berk Kutay Gökmen
02 Септември 2026•Ажурирано: 02 Септември 2026
Епл го преименува езерото Онтарио во „езеро Америка“ на својата платформа „Мапс“, по сличната промена што ја направи Гугл по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Анадолу.
Новото име им се прикажува на корисниците на „Епл мапс“ во САД, додека канадската верзија продолжува да го идентификува ова водено подрачје како езерото Онтарио. На корисниците од други земји им се прикажуваат двете имиња.
Езерото Онтарио е едно од петте Големи Езера во Северна Америка и се наоѓа покрај границата меѓу сојузната држава Њујорк и канадската провинција Онтарио.
Епл ја направи промената откако Трамп потпиша извршна директива со која се бара преименување на езерото, што дополнително ги заостри односите со Канада во услови на трговскиот спор.
Со директивата на американското Министерство за внатрешни работи му беше наложено во рок од 30 дена да го ажурира името во федералните бази на податоци и официјалните материјали.
Гугл ја воведе истата промена во последните денови, што предизвика значителни критики и дебати на социјалните мрежи.
МапКвест, друга голема платформа за мапи, соопшти дека нема планови да го усвои новото име. Промената веќе е внесена во официјалниот американски систем за географски имиња.
Епл направи слична промена минатата година, кога на барање на Трамп го преименува Мексиканскиот Залив во Американски Залив.
Најновото ажурирање се совпаѓа со преземањето на функцијата главен извршен директор на Епл од страна на Џон Тернус.
Поранешниот извршен директор Тим Кук, кој сега ја извршува функцијата извршен претседател, сепак ќе остане вклучен во работата на компанијата.