Şeyma Erkul Dayanç
10 Јули 2026•Ажурирано: 10 Јули 2026
Во пресрет на 31-годишнината од масакрот во Сребреница во 1995 година, Европската Унија повика на отфрлање на негирањето на геноцидот и на величањето на осудените воени злосторници, јавува Анадолу.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, и комесарката за проширување, Марта Кос, во заедничко соопштение оддадоа почит на „повеќе од 8.300 бошњачки мажи и момчиња“ за кои истакнаа дека биле убиени во геноцидот во Сребреница пред 31 година.
„Нашите мисли се со семејствата на жртвите на геноцидот. Ја споделуваме тагата на оние кои ја трпат болката на неизвесноста за своите исчезнати најблиски и продолжуваме да сме со преживеаните чии животи беа уништени во јули 1995 година“, порачаа тие.
Двете официјални претставнички го опишаа геноцидот во Сребреница како „една од најмрачните епизоди во историјата на Европа“ и истакнаа дека тој служи како потсетник за потребата од изградба на мирни општества, заштита на човечкиот живот и достоинство, како и за почитување на вредностите врз кои е основана ЕУ.
Тие, исто така, се осврнаа на одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации донесена пред две години, со која 11 јули е прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година.
„Во Европа нема место за негирање на геноцидот, ревизионизам или величање на осудени воени злосторници“, се наведува во соопштението.
Калас и Кос ги повикаа лидерите во Босна и Херцеговина и низ целиот регион да ја „изберат одговорноста пред поделбите, дијалогот пред конфронтациите“ и да ги поддржат напорите за идентификување на преостанатите жртви.
Тие порачаа дека ЕУ останува посветена на европската иднина на Босна и Херцеговина како „суверена, обединета, мултиетничка и демократска земја“.