Ömer Tuğrul Çam
07 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
БРИСЕЛ (АА) - Портпаролот на Комисијата на Европската Унија (ЕУ), Питер Стано, потсетувајќи дека во однос на израелско-палестинското прашање тие се за дводржавно решение, рече дека дипломатските чекори на Србија и Косово, за кои се најавува отворање амбасади во Ерусалим, се чекори за сериозна загриженост, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На дневната прес-конференција Стано одговори на прашањето за изјавите дека Србија и Косово ќе отворат амбасада во Ерусалим.
Наведувајќи дека ставот на ЕУ за преместување на амбасадите во Ерусалим не е променет, Стано рече: „Земјите членки на ЕУ немаат амбасада во Ерусалим. И делегацијата на ЕУ не е во Ерусалим. Оваа ситуација е во согласност со одлуката на Советот за безбедност на ОН со број 478 од 1980 година.“
Потсетувајќи дека ЕУ го поддржува дводржавното решение, Стано наведе дека и статусот на Ерусалим исто така ќе биде дел од ова решение.
Подвлекувајќи ја одлуката на ЕУ во која се вели дека Ерусалим треба да биде главен град на двете држави, Стано нагласи:
„Бидејќи Косово и Србија ги прогласија своите стратешки приоритети во процесот на пристапување во ЕУ, Европската Унија очекува двете земји да дејствуваат во согласност со оваа заложба. Перспективата на ЕУ не треба да се поткопува. Србија продолжува со преговорите за пристапување во ЕУ. Затоа, политиките со трети земји Србија треба да ги усогласи со политиките и позициите усвоени од ЕУ. Во овој контекст, секој дипломатски чекор што би го довел во прашање заедничкиот став на ЕУ за Ерусалим е причина за сериозна загриженост.“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера објави дека Косово ќе ги нормализира своите односи со Израел и дека Србија ќе ја премести својата амбасада во Ерусалим.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, пак, нагласи дека Косово, кое одлучи да ги нормализира односите со Израел, својата амбасада ќе ја отвори во Ерусалим.