Melike Pala
11 Мај 2026•Ажурирај: 11 Мај 2026
Министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ) денес се согласија за нова рунда санкции насочени против израелските доселеници и организациите обвинети за поддршка на нелегалните активности за населување на окупираниот Западен Брег, пренесува Анадолу.
„Готово е! Европската Унија денеска воведува санкции против главните израелски организации виновни за поддршка на екстремната и насилна колонизација на Западниот Брег, како и за нивните лидери. Овие најсериозни и недозволиви дејствија мора веднаш да престанат“, напиша францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, на американската компанија за социјални медиуми Х.
Баро истакна дека ЕУ усвоила санкции и против „главните водачи на Хамас“.
„Надежта што Франција ја оживеа минатата година во Њујорк, онаа за две признати и почитувани држави кои живеат една до друга во мир и безбедност – нема да дозволиме никој да ја поткопа“, додаде тој.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, исто така ја потврди одлуката, велејќи дека министрите за надворешни работи на ЕУ дале „зелено светло“ за санкционирање на израелските доселеници поради насилството врз Палестинците.
„Крајно време беше да преминеме од ќор-сокак кон реализација. Екстремизмот и насилството носат последици“, напиша Калас на Х.
Одлуката е донесена во време кога министрите за надворешни работи на ЕУ се собраа во Брисел на состанок на Советот за надворешни работи.
На окупираниот Западен Брег се бележи ескалација на насилството од почетокот на војната на Израел во Појасот Газа во октомври 2023 година, вклучувајќи убиства, приведувања, уривање домови и проширување на населбите, според палестинските официјални претставници.
Најмалку 1.155 Палестинци оттогаш се убиени, околу 11.750 се повредени, а речиси 22.000 се приведени на окупираниот Западен Брег, покажуваат официјалните палестински податоци.