Ahmed Asmar
12 Септември 2024•Ажурирај: 14 Септември 2024
АНКАРА (АА) - Шефот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, ја откажа планираната посета на Израел, јавија денес израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Борел моментално е на регионална турнеја во Египет и Либан на разговори за актуелните регионални тензии во врска со тековната израелска војна во Појасот Газа.
Шефот на дипломатијата на ЕУ му кажал на израелскиот амбасадор во ЕУ, Хаим Регев, дека одлучил да ја откаже посетата на Израел откако израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, одбил да даде дозвола, објави израелскиот весник „Једиот ахронот“.
Борел ги објави своите планови да го посети Израел на 14 и 15 септември, но Тел Авив побара од него да ја одложи посетата за крајот на октомври, период кога неговиот мандат во Брисел е завршен.
Борел беше критикуван од страна на Израел поради неговиот повик за воведување санкции на крајно десничарскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, и министерот за финансии, Безалел Смотрич, поради нивните пораки на омраза кон Палестинците.
Борел денес го изрази својот гнев поради вчерашните израелски воздушни напади врз училиштето под раководство на Обединетите нации во кои загинаа најмалку 18 лица во бегалскиот камп Нусејрат, централна Газа, меѓу кои шестмина биле вработени во УНРВА.
Во март, Борел го обвини Израел дека го користи гладот како оружје против Палестинците со тоа што го спречува влегувањето на хуманитарната помош во Газа.
„Газа пред (израелската) војна беше најголемиот затвор на отворено. Денес, таа е најголемата гробница под отворено небо“, рече тој во своите претходни изјави.
Израел ја продолжува својата брутална офанзива врз Појасот Газа од октомври минатата година и покрај резолуцијата на ОН со која се бара итен прекин на огнот.
Повеќе од 41.000 лица се убиени, главно жени и деца, а над 95.100 се повредени во израелските бомбардирања и гранатирања, објавија палестинските здравствени власти.
Израелската офанзива предизвика раселување на речиси целото население на Појасот Газа поради тековната блокада што доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел се соочува со обвинувања за геноцид за неговите акции во Газа пред Меѓународниот суд на правдата.